Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска се одбележува Националниот ден на Власите во Македонија, кој воедно е државен празник за граѓаните од влашката етничка заедница.
Валентина Илиевска, кустос етнолог во Народен Музеј Куманово е автор на каталогот “Сеќавањата на Очка...“ кој соддржи информации за обичаите, носиите, јазикот, начинот на живеење на Власите.
Власите во Македонија се поделени на две социјални групи. Едните се населувале во градовите: Битола, Велес, Крушево, Штип, Кочани и Куманово и се занимавале со трговија, а другите живееле на планините каде што се занимавале со сточарство.
Кон крајот на 19 век во Куманово се доселуваат влашки семејства од Крушево и Велес, кои се занимаваат со занаетчиство и трговија.
Тие го донесуваат во Куманово терзискиот, ќурчискиот и казанџискиот занает. Најстарото влашко семејство е Нарандѕа, додека во 20 век егзистираат семејствата Николовски, Зисовски и Велкови. Во почетокот на 20 век во кумановскиот регион се населуваат шеесетина влашки семејства по селата Макреш, Бајловце, Малотино, Кутлибег, Проевце и Доброшане, кои се занимаваат со анџиство и сточарство . Со распаѓање на чифликот и иселување на Турците доаѓа до продажба на земјиштето. Власите стануваат полуномади и од споменатите села се прегрупираат и населуваат во с.Доброшане - изјави Илиевска.
Крстот на челото, тетовираните раце, љубезноста се карактеристики на една типична Влаинка. Додека воделе номаски живот Власите се сместувале во шатори(тенди), се покривале со јамболии, спиеле, јаделе заедно и ја чувале покуќнината.
Најчесто за јадење подготвувале качамак, попара, скроб и пити со сушени коприви, печени под вршник. Работата на мажите и жените била поделена, мажите ги напасувале стадата, а жените ја обработувале волната, пределе, подготвувале јадења, ги чувале децата, а се случувало некои од нив да се родат во тендата. Од млекото мажите исклучиво правеле урда, сирење и кашкавал, и ги продавале во Грција од каде купувале срма за декорација на носијата. Во зима во нивното семејство доаѓал терзија кој престојувал по неколку седмици за да изработи облека за сите членови на семејството, како за секојдневни потреби, така и за свечените моменти - додава Илиевска.
Со колетивизација од 1948 / 1949 година тие го напуштиле номадското живеење, преоѓаат на полуномадско и почнуваат да се занимаваат со обработка на земја. Со процесот на индустријализација нивната облека се трансформира од рачноизработена од клашна, во облека од кадифе и порхет. Конфекциската облека ја поттиснала традиционалната која била тешка за изработка, оддржување и носење.
Самата Влаинка, г-ѓа Очка од семејството Николовски која се споменува во каталогот, кажала за Власите дека се народ кој се одликува со срдечност, чесност, гордост, храброст, религиозност и длабока посветеност кон христијанската вероисповест.
Влашките носии, килими, јамболии се дел од богатата македонска ризница. Денес, Власите се лојални граѓани, работат во интерес на државата, придонесуваат за демократско општество и за афирмација на Република Македонија во целиот свет.