Во Куманово наврнаа 14 литри дожд, и денеска се најавува нестабилно време
Во Куманово во изминатите 24 часа наврнаа 14 литри дожд на квадратен метар, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Најмногу врнежи се измерени во Штип – 18 литри, по што следуваат Куманово со 14, Скопје-Петровец со 11, Струмица со 10 и Скопје-Зајчев Рид со 8 и Берово со 7 литри дожд на квадратен метар. Во Крива Паланка, Прилеп, Виница, Крушево и на Попова Шапка се регистрирани по четири литри. По три литри наврнаа во Претор, Битола, Демир Капија, Кавадарци и Тополчани, а во Гевгелија и Пожаране се измерени по два литри на квадратен метар.
Од УХМР посочуваат дека, поради локалниот карактер на атмосферските процеси, количината на врнежи може значително да се разликува од место до место, а на одделни локации да биде и значително поголема од измерената.
За денеска синоптичарите најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и повремени врнежи од дожд. Локално ќе има нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во одделни делови од земјата се можни и краткотрајни невремиња со појава на град.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе достигнува брзина и над 60 километри на час. Максималната дневна температура ќе се движи од 26 до 33 Целзиусови степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и умерен, повремено засилен северен ветер. Во делови од Скопската Котлина се очекуваат повремени врнежи од дожд и локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе достигне до 29 степени.