×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во Куманово презентиран проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“

    12.04.2022 14:18 | Сузана Николиќ

    Претставници на Агенцијата за вработување, денеска, пред бизнис заедницата во Куманово го презентираа проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“. 

    Во Куманово презентиран проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“

    Овој тригодишен проект финансиски е поддржан од Европската унија со цел да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираниот минимален приход. Според проектниот менаџер Наташа Здравковска, оваа цел ќе се постигне само со ефективно вклучување на ранливите групи, посебно на корисниците на гарантирана минимална помош на пазарот на труд.

    „Овој проект, кој трае од 2019 година, ги опфаќа ранливите групи на пазарот на труд преку нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Како проектен тим работиме на реализација на оваа социјална реформа во државата со единствена цел – најзагрозените категории од сиромаштија, односно тие што не се активни подолго време и се под социјална заштита, да се вклучат на пазарот на труд. Како дел од активните мерки за вработување предвидовме и услуги за советување и мотивација (СИМ програма) преку психосоцијална и менторска поддршка за лицата полесно да се активираат на пазарот на труд. СИМ програмата е прва компонента на проектот, по што следува вклучување на пазарот на труд преку обуки и вработување преку 4 активни мерки, како што се Обуки за побарувани занимања, Обука кај познат работодавач, Практикантство и Субвенционирано вработување“, рече Здравковска пред кумановските бизнисмени.

    Во проектот се вклучени повеќе од 1500 лица корисници на гарантирана минимална помош, од кои досега најмалку 5 проценти веќе се вработени. Реализацијата на проектот обезбедува информации за ранливите категории граѓани, како што се нивниот став, менталитет, уверувања и предрасуди, што ќе бидат основа за прилагодување на активните мерки и услугите на двете институции за да се постигнат подобри резултати на теренот. Притоа, главни партнери – поддржувачи на ваквата активност се Центрите за вработување, Центрите за социјална помош и секако, бизнис заедницата на локално ниво.

    „Проектниот тим, во соработка со колегите од агенцијата и од сите 30 центри за вработување, го координира целиот процес – од активација на лицата до нивното вклучување во некоја од активните мерки. Самиот процес на соработка помеѓу центрите за вработување и центрите за социјална помош беше унапреден со воспоставување систем за електронска размена на податоци помеѓу институциите, што го подобри квалитетот на процесот на селекција и овозможи негова поголема ефикасност“, додава Здравковска.

    Во наредниот период, вакви презентации пред работодавачите ќе се направат во уште десетина градови, затоа што процесот на активирање треба да биде добро образложен, разбран и прифатен од работодавачите како поддржувачи и потенцијални вработувачи на ранливите групи граѓани.