×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Стручноста а не етничката припадност одлучи коj ќе се вработи, велат од Здравствен дом Куманово, по обвинувањата дека примаат само Албанци

    19.02.2024 12:10 | KumanovoNews

    Во Здравствениот дом во Куманово на последниот оглас се вработени 12 медицински сестри и двајца доктори по стоматологија, од кои само три медицински сестри се од македонска, додека останатите се од албанска националност.

    Стручноста а не етничката припадност одлучи коj ќе се вработи, велат од Здравствен дом Куманово, по обвинувањата дека примаат само Албанци

    Вработени во институцијата испратија писмо до медиумите во кое тврдат, како во случајот со јавниот оглас во болницата во Гостивар, каде беа примени исклучиво Албанци, истото се повторува и во Кумановскиот здравствен дом.

    „Во ЈЗУ Здравствен дом Куманово, на огласот од 6. декември 2023, за доктори по стоматологија се примени 100% Албанци, а на огласот за сестри од 12 дури 9 се од албанска националност. Примените кандидати се примени без претходно објавување на ранг листа, спротивно на балансерот при што се ускратени правата на кандидати Македонци ( доктори на стоматологија) и е нарушена правичната застапеност. Кандидатите Македонци на полагањето биле оделени од кандидатите Албанци во посебна просторија. Кандидатите Албанци по кажување на членовите од комисијата воопшто се немаат појавено на полагањето“, стои во дописот до медиумите.

    Од Здравствен дом Куманово ги отфрлаат сите обвинувањата и тврдат дека не се работи за случај на етничко или партиско вработување, туку за добивање на внимание и создавање сензационализам на најслабо рангиран кандидат.

    Оттаму велат дека ранг листата е јавно истакната, секој може да изврши увид, а на располагање на сите кандидати се нивните тестови кои можат да ги проверат.

    „Рангирањето е направено по неколку критериуми, меѓу другото според испитните резултати, впечаток оставен на интервјуто со кандидатите, добиени неопходни сертификати итн. Има формирано внатрешна комисија на Здравствен дом Куманово, но испитот го спроведуваат лица од Министерството за здравство, кои со нив ги носат тестовите и тие не можат да се најдат претходно. За наводите дека дел од кандидатите не се појавиле, постојат видео записи од камерите на кои јасно се гледа кои кандидати го полагале испитот“, истакнуваат надлежните.

    Тие додаваат дека вработениот медицински кадар е добро познат на членовите на комисијата токму поради нивната ангажираност во последните неколку години. Од друга страна тврдат дека балансерот не важи за вработување на медицински лица поради спецификата на дејноста, одговорноста која тоа работно место ја носи и тежината на извршување на работните обврски.

    „Медицинските сестри кои добиваат решение на неопределено работно време веќе неколку години работат по договор на дело. Голем дел од товарот во ковид кризата го понесоа токму тие, заедно со постарите колеги, докажаа стручност, професионалност, етика и се покажаа како вредни  во досегашната неколкугодишна работа“, велат од Здравствен дом Куманово.

    Ова не е прв пат во оваа здравствена институција да се вработуваат повеќе Албанци од Македонци. Во март минатата година, на неопределено време биле вработени 10 медицински сестри, сите Албанки и ниту една од другите националности во градот. Тогаш директото кој е од ДУИ беше обвинет за партиски вработувања, но тој демантираше и тврдеше дека  дејноста е специфична, поради што им требаат образовани и стручни кадри, па не се вработува по партиски клуч.

    Во состав на Здравствениот дом во Куманово спаѓаат: Итна помош, Патронажна служба, Диспензер за деца и за вакцинација, лабораторија и ноќната стоматолошка амбуланта.