×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Зошто се раскараа бранителите?

    22.02.2011 10:35 | KumanovoNews

     Откако Бранителите - 2001, условно речено поделени во два табора, се огласија со по една акција и реакција, завладеа молк иако си разменија доста тврди (дис)квалификации што меѓу нив не би требало да останат недоразјаснети и да тежат врз легитимноста на Здружението ако се сака да се опстојува врз изворната потреба - дејствување во интерес на  широкото бранителско членство.

    Зошто се раскараа бранителите?

    Веднаш да кажам дека медиумите имаат еден куп поприоритетни глупости во државава за кои треба и мора да пишуваат отколку што е една банална закачка околу фотелјата на едно општинско здружение (макар и на заслужните и ценети бранители). Затоа пак постои т.н. Фејсбук мрежа на која народот се ,,празни‘‘ и се пцуе за вакви и слични караници. Таму во врска со случајов може да се прочитаат и ступидарии од типот ,,ако не биде така јас јавно ќе се самозапалам‘‘! Но, коментаров е во правец на една горлива тема - рак рана во општеството: политичкото полтронство и се‘ што оди со него, од популизмот, непотизмот и демагогијата до болната желба за  самопромоција.

    Случајот на раскараност во Здружението на ,,Бранители-2001‘‘ може да послужи само како податлив пример за ламентирање на погоре посочената тема.  

     За потсетување, група од 20-тина бранители деновиве се огласија со став дека треба да дојде до смена на раководството на Здруежението на чело со актуелниот претседател поради ,,раководење од позиции на лични интереси‘‘. Следуваше контра реакција од претседателот на Здружението дека станува збор за некомпетентна група бранители (,,претседавачот на состанокот Гоце Тодев-Делчев не е основач ниту член на кумановското Здружение и никој не му дал право да повикува на отчленување на членството‘‘). Во реагирањето актуелниот претседател Предраг Петрушевски категорички ги демантира сите обвинувања, меѓу кои и тоа дека не одржувал годишни собранија на Здружението.

    Не навлегувајќи во други поединости на малата рафална размена на обвинувања, потписникот на овие редови, можеби малку нескромно, си дава за право како долгогодишен професионалец да им посочи само на две ,,фалинки‘‘ на нивните реплики. Имено, лично сметам дека група од само 20-тина незадоволни бранители присутни на средбата во локалот ,,Буѓо‘‘ тешко ќе може да се избори за легитимна смена на раководството во име на 1.800 бранители доколку не собере доволен број потписи. Другата забелешка ја адресирам на претседателот на Здружението Предраг ,,Бинго‘‘ кој изнесува сомнеж  за вмешаност на политиката заснован само на еден ,,аргумент‘‘ дека ,,од присутните незадоволници на средбата бил информиран за присутво на некои советници од Советот на Општината Куманово‘‘!  А на средбата со големо задоцнување наводно ,,залутал‘‘ само еден советник.

    Овој аргумент од друга страна оди  во прилог на помислата дека меѓу групата незадоволни бранители има и ,,кртови‘‘ што му дошепнуваат по телефон на претседателот на Здружението. Тие  всушност седат на две столчиња и чекаат исход за подоцна да видат на кое царство да му се приклонат. Така отприлика за сега мислам дека стојат работите. Освен дека мириса на скорешни вонредни избори и партиите никако не можат да се откажат од лошата пракса да си ги вовираат пипалата и да врбуваат свои симпатизери и партиски војници - друго не знам. Додуша, за разлика на дел од бранителите кои бараат смена на претседателот на нивното Здружение и се оградуваат од секаква партија, Предраг Петрушевски и Бинго чесно и отворено ,,признава‘‘ дека е заколнат припадник на ВМРО-ДПМНЕ.

                                    Столе Божиновски