Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Откако станува се` поочигледно дека ситуацијата со пандемијата нема да стивне во догледно време и покрај напорите за вакцинирање, многу луѓе прават ретроспектива на актуелниот вирус и забележуваат дека познаваат барем еден индивидуалец кој, по сите параметри, како да е имун на вирусот. Оваа “отпорност“ стана уште една тема за истражување и експертите можат да понудат одговор.
Серија спроведени истражувања заклучија дека некои луѓе имаат “необично силна имунолошка реакција“ на коронавирусот, кој го предизвикува заболувањето ковид-19. Таквите луѓе не само што произведуваат повеќе антитела од просечниот човек, туку нивните антитела можат брзо да се адаптираат и да бидат ефикасни против различните варијанти на коронавирусот кои циркулираат низ светот. Според експертите, овие поединци ќе имаат имунитет, не само за сегашните варијанти, туку и за идните мутации на вирусот. На пример, едно истражување потенцира дека индивидуите кои се “имуни“ на вирусот, создавале антитела кои што биле ефикасни против шест различни варијанти на коронавирусот, вклучувајќи ја и делта-варијантата.
Паул Биениасз, виролог во Универзитетот Рокефелер, кој бил одговорен за повеќе од гореспоменатите истражувања, вели овие луѓе ќе имаат среќа и со идните можни варијанти на вирусот. „Може одговорно да се претпостави дека овие луѓе ќе бидат релативно добро заштитени од повеќето, ако не и сите варијанти на САРС-КоВ-2 што можат да се предвидат во блиската иднина“,
заклучува Паул.
Секако, важно е да се земе предвид и здравствената историја на испитаниците. Голем број од индивидуалците вклучени во истражувањата биле заразени со коронавирусот во некој период од неговото појавување, нивниот имунолошки систем се изборил со вирусот и потоа ја примиле mRNA-вакцината (Фајзер) на почетокот на тековната година. Тоа значи дека индивидуалците имале веќе создадена имунолошка реакција од директно изложување на вирусот, по што ја примиле вакцината и развиле уште посилна заштита.
Ова тврдење е поддржано и од други спроведени истражувања. На пример, статистичките податоци од Обединетото Кралство покажуваат дека заштитата од делта-варијантата била процентуално повисока кај луѓето кои претходно биле заразени со коронавирусот, пред да ја примат соодветната вакцина. Ова не значи дека луѓето треба активно да се обидуваат да се заразат со вирусот по извршената вакцинација, со цел да ја проверат или подобрат својата имунолошка реакција – тоа би било неодговорно и опасно, бидејќи се` уште постои шанса да бидат хоспитализирани поради потенцијалните компликации, апелира Сара Волкер, главната авторка на истражувањето.
И покрај силниот имунитет на некои поединци, кој им овозможува да не трпат здравствени компликации предизвикани од коронавирусот, никогаш не е исклучена можноста дека активниот вирус можат да го пренесат многу лесно на другите луѓе, меѓу кои можеби и на поединци чија имунолошка реакција ќе биде слаба.
Истражувачите потенцираат дека вакцинацијата драстично ги намалува шансите да се шири коронавирусот, а со тоа и ковид-19, но тоа не значи дека шансите се елиминирани. Останете претпазливи, носете маска и чувајте се.