Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градските гробишта Куманово, со сите воени почести, денеска беше погребан полицаецот Виктор Цветковски, кој загина додека ги извршуваше работните задачи.
Од Цветковски се прости семејството, роднините, пријателите и неговите колеги полицајци од Полициската станица Куманово, министерот Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и други вработени во МВР.
Цветковски загина завчера додека со свој колега полицаец-практикант бил на повик на поплака од граѓанин во кумановската населба Ајдучка Чешма. Откако ја завршиле задачата тргнале кон возилото, кога во нив удрил пијан возач. Цветковски им подлегнал на повредите на лице место, додека повредениот полицаец е пренесен на лекување на Скопските клиники.
Од Независниот синдикат на полицијата апелиравме до МВР, Собранието и Владата да се донесат нови драконски казни кои ќе го санкционираат секој кој ќе се осуди и дрзне да нападне врз службено лице и се надеваат на брза реакција од надлежните.
Полицаецот Виктор Цветковски е женет и татко на две малолетни деца. Важел за професионалец и бил назначен за ментор на полициските практиканти.