×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • 8-ми Септември

    М-р. Бранко Арсовски

    Овој гест е за почит, иако симболичен и скромен, сепак, претставува значаен гест за пратениците кои учествуваа во македонскиот парламент од 1990-1994 г. кога се удрија темелите на независна, самостојна и суверена Македонија со сите атрибути на организирана демократска држава. Во тоа време го донесовме Уставот на РМ, современ, во кој во целост се утврдени граѓанските права, почитувајќи ја максимално улогата на граѓанинот преку индивидуални и колективни права. Се разбира, уставната определба за создавање на суверена, самостојна, независна и социјална држава, граѓаните ја потврдија на 8-ми Септември на референдум, како највисок чин на демократско изјаснување. Морам да признам и да потенцирам дека пратениците и другите субјекти, а пред сè, Владата и граѓаните ја остварија дамнешната и вековна желба на секој Македонец за создавање независна, самостојна и суверена македонска држава.

    Целиот состав на парламентот во кој учествуваа повеќе партии, покажа единственост при носење на одлуките кои беа во функција на создавање самостојна и независна Р. Македонија. Се сеќавам дека пратениците работеа секојдневно по дванаесет и повеќе часови во доста лоши и несоодветни просторни и материјални услови. Основни материјални придобивки беа надоместокот за плата за професионални пратеници од 17-19000 денари (или 400 тогашни германски марки) и патни трошоци во висина на повратна автобуска карта. За оние кои беа во работен однос надоместокот изнесуваше 30% од оној на професионалните пратеници или некаде околу 5-6000 денари. Само за споредба, денешните пратеници од последниот состав, од информациите кои се пласираат во медиумите, примаат плата од околу 70 000 денари или некаде околу 1200 евра и патни трошоци од 1100 евра за оние кои доаѓаат од внатрешноста. Разликата е очигледна, но она што повеќе ме засега е односот на Владата и пратениците кон нивните колеги од првиот повеќепартиски парламент од кои голем дел од нив ја изгубија битката со животот борејќи се со тешката економска, социјална и здравствена состојба. За жал, голем дел од парламентарните претставници од првиот македонски парламент се соочуваат со сериозно нарушена материјална положба, со скромни пензии и нарушено достоинство. Гледајќи во нив, скромно облечени, како разговараат за своите секојдневни егзистенцијални проблеми во свечената сала на Собранието, во кое истите седеле во најважниот период од постоењето на македонската држава, ме тера да се запрашам дали треба да сум горд или треба да се срамам. Сепак, неспорна е среќата и задоволството кое овие луѓе ги чувствуваат, свесни дека биле дел од градењето на историјата на современата македонска држава, исто како и учесниците на АСНОМ и Илинден. Толку горди што некои од нив ќе одвојат 1000 денари од својата скромна пензија од 12 000 денари само да пристуствуваат на овој свечен настан, единствениот пат во годината кога ќе ги потсетат дека некогаш учествувале во создавањето на Република Македонија.

    И сега се поставува прашањето. Дали успеавме во намерата да создадеме демократска, самостојна држава во која граѓаните имаат поголема економска и социјална сигурност, подобар животен стандард и благосостојба? За жал, денес граѓаните се чувствуваат посиромашни, понемоќни, неинтегрирани во општеството, со целосно нарушено достоинство, економски и социјално несигурни. Сите учесници во власта, од создавањето на македонската држава, па до денес, некој повеќе, некој помалку, следејќи ги слепо личните и партиските интереси, ги донесоа граѓаните, економски и социјално, на колена. Перспективата на граѓаните е директно и исклучиво условена од партиската припадност на владејачката политичка партија (независно која), партиската поделеност во општеството создава омраза и нетрпеливост, девалвирани се позитивните вредности со изразена социјална неправда.

    Со жалење ги изразувам горенаведените констатации, но мене, како претставник на народот во првиот парламент, како човек кој бил дел од групата ентузијасти која ја трошеше целокупната енергија за создавање на држава во која секој граѓанин во Република Македонија ќе се чувствува економски и социјално сигурен, држава во која ќе нема криминал, корупција, мито, држава во која просперитетот на индивидуата нема да биде директно условен со партиска книшка, држава во која секој граѓанин, без разлика на вера, етничка припадност, идеологија, подеднакво ги ужива правата што произлегуваат од Уставот на Р.Македонија,  не ми е сеедно....             

    Со почит,

    пратеник во првиот парламентарен состав

    М-р. Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*