×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • КОЈ ЈА (У)КРАДЕ ИДНИНАТА НА МОЈАТА ГЕНЕРАЦИЈА? (ОПРАВДУВАЊА, ОПРАВДУВАЊА...ДО КОГА?)

    Доц.д-р Марјан Младеновски

    ЧИН 1  МАКЕДОНИЈА 1991-2008 („ТРАНЗИЦИЈА“)

    Периодот кој мојата генерација болно го „преживеа“ не следеше низ периодот на нашето школување во погорните одделенија во основното образование, потоа средното училиште, студиите, „вработувањето“... долг и мачен период на промена на општествениот, политичкиот, економскиот и културниот систем на нашето општество. Период кој еуфорично беше најавен како „круна на постоењето на македонската нација“ или „прв период на независна македонска држава“ кој требаше да донесе благосостојба на актуелните и идните генерации Македонци. За жал, овој период на трансформација ниту беше брз, ниту ефикасен (а требаше да биде!), а ќе остане запаметен по огромниот број проблеми кои само се напластуваа со текот на годините: распад на стопанството, висока стапка на невработеност, продлабочување на сиромаштијата, висок степен на корупција, измами од огромни размери, несигурност и апатија, дезориентираност и разочараност кај граѓаните... Видовме што значи и граѓанска војна во соседството, манифестирање на меѓународна воена моќ во најблиското соседство, но и ние не останавме имуни на меѓуетничките конфликти. Тука беше и еден атентат на Претседателот, уште еден сомнителен случај (со призвук на атентат) со трагични последици на друг Претседател - се на се многу тешки моменти во релативно краток временски период. Интересно во целава ситуација беше постоењето на оправдување за сите негативности и девијации во општеството - виновна беше ТРАНЗИЦИЈАТА. Транзицијата беше „одбраната“ со која владеачките структури ги правдаа новосоздадените проблеми од социјален, економски и политички карактер во државата, а за кои немаа решение. А ние толку им верувавме, така што транзицијата ни стана „стил на живеење“ и полека (и несвесно) ни ги сервираше новите културните вредности: понизност и авторитарност, апатичност и дезориентираност; но и „снаодливост“ (во онаа валкана смисла), разметливост и перфидност, агресивност и безобзирност...Што се случи со хуманизмост, толеранцијата, солидарноста, компетентноста, алтруизмот и еднаквоста, почитта кон личностите и државата; на кои не учеа претходно (а се актуелни вредности на современите развиени општества)? Ги однесе транзицијата во заборав...

    ЧИН 2  МАКЕДОНИЈА 2008-  („ГРЦИЈА“)

    Македонија на Самитот на НАТО во Букурешт, по долгите армиски и политички реформи, беше спремна за влез во овој воено-политички сојуз кој требаше да ја гарантира нашата стабилност и да донесе толку очекувани странски инвестиции во кревката ни национална економија. Што се случи? Соседот Грција (со помош на своите пријатели од ЕУ), налутена од нашите претходни „изливи на антиквизација“, ни го блокираше влезот во оваа значајна меѓународна структура со што ни го сруши сето она што макотрпно го градевме изминатите години. Но Грција и проблемот со името ни стана и алиби, односно оправдување за сите наши идни неуспеси на меѓународен план, особено на нашиот (стратешки зацртан!) план за влез во ЕУ. За сите проблеми кои понатаму се продлабочуваа, пред се врзани за падот на демократијата, хајката кон критички настроените медиуми, граѓански организации и поединци, партизацијата на администрацијата (но и бизнис секторот), прогонот на политичките неистомисленици, дискриминаторскиот третман кон одредени малцински групи - си имавме оправдување... Кога Европската Комисија (посочувајќи ни ги овие проблеми своите извештаи) не дозволуваше прогрес во процесот на пристапување кон ЕУ, владеачките гарнитури имаа свое оправдување - ГРЦИЈА е виновна, сака да ни го смени името, потоа и јазикот, идентитетот... Само неколку години претходно бевме лидери во Регионот на планот на европската агенда, проблемот со името беше целосно во друг план (идентитетот никој не го споменуваше!), а сега сме на „опашката“ со тенденција да станеме „слепо црево“ на Регионот и „слеп колосек“ на Европа...

    ЧИН 3  МАКЕДОНИЈА, КУМАНОВО 2013- ( „ЦЕНТРАЛНА ВЛАСТ“)

    Град Куманово, некогаш регионален индустриски центар, денеска град на сиромаштија и невработеност, град на стечајци и иселеници, град на културна декаденција, партиска и етничка поделеност, град за кој, ако погледнете само неколку објекти, ви се чини како да застанало времето... Ни трага од индустрија, ни трага од борбено, напредно Куманово, културен амбиент ни за лек... Пардон, нешто сепак има - нови станбени згради на секој чекор, во секоја уличка, во секое слободно ќоше... Се наметнуваат прашањата - што е со капиталните објекти и проекти од типот индустриски зони, зошто во Куманово нема никакви инвестиции (нека беа и домашни, на пр. „Афганистански“?), зошто Куманово нема кино, базен, ТВ станица, фудбалски клуб, каде се рок и џез фестивалите, зошто и на локално ниво предност се дава на партиското наместо стручното... Одговорот сите однапред го знаеме - ОПСТРУКЦИЈА ОД ЦЕНТРАЛНАТА ВЛАСТ. Тоа е алиби, односно оправдување за сите неуспеси и проблеми на мојот роден град. „Централната власт не кочи, не ни дава пари, ни блокира сметки итн...“ Чудно, и Струмица е опозициска општина, а како да не е во Македонија. Прашање кое кумановскиот граѓанин легитимно го поставува е зошто (кога не се предвидени проблемите навреме) не се побараа други извори на средства (меѓународни фондови, на пр.) со што ќе се презентираше чувство на добар менаџмент и диверзификација на прибирање на средства? Затоа се потребни компетентни кадри, а пак би било џабе, нели - „централната власт пак би нашла начин да не опструира“. И така, другите општини (и опозициските!) одат напред, а ние си имаме оправдување до 2017 година...   

    Веројатно нема сите да се сложат со оваа мала критичка анализа. И не треба, различните мислења се придобивка на демократијата. Но, мене повеќе ме интересира до кога молкум ќе ги прифаќаме оправдувањата за сите неуспеси, за сите промашувања во изминативе години, и на централната и на локалната власт? Колку генерации треба да ја изгубат иднината? Дали затоа ја даваме довербата на изборите - да гледаме неспособни моќници како со наши пари не туркаат во бездна? Имаме само еден живот, има(в)ме само една младост, но дали имаме и само една иднина? Онаа која ни ја кројат алчните за власт во овие изминати 20 и кусур години? Или е време мојата (твојата, вашата) генерација да направи нешто? Да го превземе својот дел од одговорноста во своите раце и да се избори за нови, современи граѓански вредности кои ќе ја вратат нашата (мојата, твојата) Македонија, моето (твоето, нашето) Куманово на вистински пат? Одговорот го оставам на мојата (твојата, нашата) генерација...

    P.S. Студентите (конечно!) се разбудија, а што е со останатите? Бараме оправдувања?

    Доц.д-р Марјан Младеновски Авторот е универзитетски професор (ПВПУ Евроколеџ и Универзитет Евро-Балкан) и истражувач

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*