×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • За неколку (не)битни прашања

    Доц.д-р Марјан Младеновски

    Летно време, високи температури, светско првенство во фудбал, па можеби и не е момент за некои тешки теми, но сепак би сакал да укажам на неколку прашања кои ми „бодат“ очи веќе извесно време.

    1. Никако не можам да се помирам со една состојба која полека станува правило, за жал. Имено, (можеби наивно) се прашувам каква е таа социјална држава која не им овозможува лекување на своите граѓани (здравствено осигурани) во својата држава, а ги приморува во таквата тешка состојба да се снаоѓаат како знаат и умеат во изнаоѓање пари за лекување во странство? Каква е таа држава која почива на хуманистички основи, а не може да обезбеди здравствена заштита на своите граѓани? За каков морал и етика зборуваме ако родителите на болните деца мораат да продаваат се што имаат за да се обидат да им го спасат животот на своите најмили? И, конечно ако за државата се многу 50 000 или 150 000 евра, дали на граѓаните на оваа сиромашна држава им е полесно да ги обезбедат истите? А Уставот вели дека животот на човекот е врховната вредност на нашето општество...

    2. Станавме држава на наградни игри. Насекаде (преполни) спортски кладилници, нели спортска нација сме (а за настап на светско првенство во фудбал можеме само да сонуваме!). Ова ме потсетува на една неодамнешна паралела, искажана на една Трибина. Имено, сопственици на инвестициски фонд промовирајќи ги поволностите на инвестирањето укажаа на овој парадокс: никој од младите кај нас не вложува (барем 1000 денари) и не штеди на овој начин кој овозможува мала, но сигурна заработувачка (што е случај за развиените земји). Затоа, пак имаме најголем процент на спортски кладилници по глава на жител бидејќи обложувањето нуди потенцијално голема, но несигурна заработувачка. На пример, во Словенија нема спортски кладилници (нивна изјава), но затоа на секој чекор има инвестициски фондови. Но и тоа не ме чуди кога самата држава на лотарија доделува дозволи за работа, работни места, социјални станови, соларни колектори...А во литературата за социјална патологија комарот, коцкањето и хазардните игри се посочени како девијантни појави кои делуваат негативно на развојот на личноста и се општествено неприфатливи. Секако, доколку државата не ги организира и промовира...

    3. Лично сум против сегашниот изборен систем кој создава многу аномалии и промовира дуализам, а во последниве години чист монизам во политичкото делување на Република Македонија. Мнозинскиот систем, каков што е сегашниот, се покажа дека во наши услови нуди само систем на партиократија, односно состојба во која една, односно две партии на централно или локално ниво целосно ја узурпираат власта. Па така, државата или локалната самоуправа целосно се поистоветува со партијата на власт („Државата - тоа сум јас“), и ништо веќе не зависи од државните институции, односно од уставно-законските нормативи, туку од „главните“ во партијата. Се наметнува прашањето: зошто тогаш го напуштивме еднопартискиот систем? Ако партијата е таа која овозможува вработување, напредок во кариерата, водење на бизнисот; тогаш логично е нели, да си член или барем „близок“ со „главните“ во партијата што само ја зацврстува моќта на партиите, делува на политизација на сите сфери во општеството и промовира вредности од типот - „биди послушен“ па ќе биде од тебе добар раководител, советник, пратеник или министер.Тоа ги девалвира вистинските вредности според кои, нели квалитетот и способностите би требало да бидат носечки столбови и во партиите, но пред се и во органите на власт („мерит систем“). Затоа, сметам дека на Македонија и треба воведување (враќање) на пропорционалниот модел, макар и во комбинација со мнозинскиот - примарно за да се ослабне централизираната структура на владеачките партии и нивната моќ во општеството. Така ќе биде создаден простор за промоција на нови идеи и вистински вредности, нови луѓе и групации кои не „размислуваат“ само „црно“ или „бело“, туку размислуваат; а со тоа во крајна линија ќе биде зајакнат и демократскиот амбиент и меѓународниот углед на земјава.

    4. Уште едно поскапување. Струјата, горивото, веројатно и лебот и другите прехранбени производи поскапеа или ќе поскапат наскоро. Но што е тоа за џебот на македонскиот граѓанин - 3,4,5%? Зарем на ова летно време Синдикатите треба да се мачат и да организираат протести (штрајк - што беше тоа?), граѓанските организации/политичките партии да се мобилизираат со соопштенија за една таква ситна работа? Македонија не е Франција па секое зголемување на цените од 2% да повлекува по автоматизам зголемување на платите. Ниту пак Македонците се Французи...

    Доц.д-р Марјан Младеновски Авторот е универзитетски професор (ПВПУ Евроколеџ и Универзитет Евро-Балкан) и истражувач

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*