Можеби сепак еден ден, оние фини нешта кои се дефинираат како однесување по кое се распознаваме како луѓе, културни, одмерени, пристојни, цивилизирани, создадени да се дружат и свесни каде се, пак ќе бидат “ин”.
Знаете, оние нешта кои опфаќаат едноставни, некогаш така просто подразбирливи човечки аспекти - отпоздравување во продавница, на пример, кога ќе влезете и ќе кажете добар ден, па наместо сурат на продавачката без израз, ќе ве пречека насмевка. Како старата, ситна женичка со сини очи од продавничката во моето маало, кога бев дете и која сите ја викавме Тетка, чиешто лице секогаш зрачеше со радост. Знаете, онаа неопислива радост која плени, од онаа заразна сорта за секој кој ќе влезеше да купува и кој секогаш излегуваше насмеан.
Или кога влезете во училница, на пример, па наместо разрипаните или разџагорените деца на кои им треба некој минут да забележат дека сте влегле веднаш со ѕвоното кое означува дека часот почнал, ќе ве пречека атмосфера која ви покажува дека вашето влегување има причина и смисол. Како моите стари, добри професори, кои сите ги почитувавме бидејќи ги доживувавме како институција, дури и тогаш кога не ги сакавме и кога заробени во својот младешки светоглед, сметавме дека не се она што ние како ученици го очекувавме. Но кога ќе ѕвонеше, ние бевме во клупите, застанати молкум кога професорот ќе влезеше и седнати во тишина додека од катедрата се слушаше чкртањето на пенкалото со кое професорот запишува час.
Или кога, на пример, имаш средба со родителот на детето, кој ќе негува редовен контакт со тебе и ќе внимава на своето дете, задојувајќи го со секојдневни дупли дози на домашно воспитание. Знаете, наместо после шеснаесет повика најпосле да се појави на училиште, нервозно гледајќи во часовникот со сурат кој ти вели:"Скрати, немам време да те слушам." Како кога нашите родители одеа непоканети само за да видат во разговор со класниот раководител или професорите има ли нешто на што треба да обрнат внимание кога си ти во прашање.
Или кога одиш на лекар, на пример, па наместо 5 минути преглед со прозевање над твојата глава, додека рутински отсутно те слуша со стетоскопот и 15 минути нервозно чукање на компјутер после тоа, ќе те седне и ќе ти направи муабет. Знаете, од оние "половина лек" муабети. Како некогаш, кога лекарот беше во твоја служба тогаш кога не ти е добро и кога до него можеше да стасаш на време.
Или кога ти се пие кафе, на пример, па наместо да се затвораш зад своите сигурни ѕидови, сам со себе да отпивнуваш, полека, отсутно и во тишина и да прифаќаш дека тоа ти годи, да си го викнеш соседот. Како некогаш, кога децата беа мали и кога не ти беше гајле што креветот не ти е наместен и што си уште во пижами - ти годеше утринското кафе зачинето со муабет со човекот кој живее зад вратите наспроти твоите.
Или кога правиш муабет со колега, на пример, па наместо твоите усни да се собираат во тенка хипокризична линија наречена насмевка, бидејќи не го поднесуваш до левел на омраза само затоа што едноставно го немаш тоа што тој го има, да седнете на една убава, здрава доза професионален муабет. Како некогаш, кога индивидуалниот пристап убедливо губел во битката со колективниот дух на најблагородната професија.
Или како кога гледаш телевизија, па наместо чувството на неверување кое те обземе откако ислушаш и одгледаш кој се, што се и на кој начин се има да ти каже и мртов ладен ти кажува, да си седнеш пред екранот и да ти дојде убаво од што имаш можност да видиш убава дебата со соочување на различни мислења, на пример. Сила на аргументи, наместо аргументи на сила. Добра образовна емисија. Добар филм. Добра музика. Како некогаш.
Или како кога со трепет гледаш секојдневни вести за натепани луѓе само затоа што се различни, наместо да си речеме дека за сите има место под сонцето и дека секој има право да биде свој, така како што самиот чувствува. Затоа што, кој да знае, сите ние кои денес одмолчувајќи го аминуваме насилството во името на стигматизирањето на различното, можеби еден ден некому ќе му се сториме различни.
Или како кога си кажеш свое мислење и така и биде разбрано – како твое, наместо како наметнато од црно-белиот колорит во кој живееме, па врз основа на тоа и доживеано како такво во учмаената средина на стравови, стереотипи и лажни удобствија. Бидејќи имаш ум, гледаш што се случува и многу добро умееш да го дефинираш тоа - со име и презиме.
Не знам. Заробени во стапиците кои сами си ги поставуваме во овие чудни, тешки времиња, се чини дека умееме да заборавиме дека клучот за отворање на сите врати е кај нас - и од вратите зад кои е заклучена насмевката, и од вратите зад кои ја заборавивме пристојноста, и од вратите каде живее единството, и од вратите каде спие убавиот збор. И од вратите каде сме се заклучиле самите себеси.
Можеби, еден ден.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*