×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Носталгија или?

    Елизабета Секирарска

    Кога бев дете и подоцна млада девојка, денешниов ден, 29.11. беше празник, еден од малкуте во текот на годината. Го славевме бидејќи беше ден на Републиката, една заедница на луѓе кои дишеа пријателски еден со друг и во која тогаш се живееше поинаку.  Почовечки, посплотено, потопло.

    Тоа беше ден кога во Домот на тогашната ЈНА се одржуваа приредби, во сала преполна со ученици, учители, граѓани и војска. Беше тоа некој посебен момент кој на дете, каква што бев тогаш, му врамува слика на грандиозна посебност која ја помни цел живот. Воениот дувачки оркестар ќе ја свиреше тогашната југословенска химна, а јас стоев со црвена пионерска марама со моите другари и пеев со сето грло "Хеј Словени, јоште живи дух наших дедова, док за народ срце бије њихових синова. Живи, живи дух словенски, живеће веков'ма...." Беше тоа ден кога срцето силно тупореше затоа што земјата во која живевме имаше празник.

    Се сетив утринава како беше чудно свечено обоен тој ден и сфаќам дека тоа беше така бидејќи му верувавме на тој празник, го чувствувавме како дел од животот кој навистина се случил, бидејќи сите ние живеевме во атмосфера која тој настан од Јајце и АВНОЈ наваму ја дефинирал - се сакавме со соседот, си одевме на гости кај пријателите за Бајрам, а тие кај нас за Велигден, сите живеевме спокојно со парите кои никогаш не беа премногу, но секогаш беа доволно за да не живееме на лажичка. Имаше тогаш една животна нота која се боеше со спокој, оној со стекнато станарско право во секој дом чиишто врати служеа за основната намена – да бидат отворени.

    Се возевме со фиќото на татко ми, купено на кредит од учителска плата до Грција, на море. Одевме и на едно друго море, кое така убаво си го викавме Наше. Уште ги чувам сликите на кои јас и брат ми се смееме без предните заби и со разранети колена, јавнати на задолжителните магаренца и со сламени шапки на главите.

    Па моите први фармерки, кои ги облекував како реликвија оти ми ги донесоа од надвор. Клинка среќна оти е сама по себе среќна, има само еден пар фармерки и сина ролка која убаво оди со шалот кој мајка ми ми го исплете. Скромна девојка која има се што и треба. Слободна да се движи каде што сака. Има другари на кои може да се потпре. Онака баш, вистински да се потпре.  Волшебноста на едно време кога животот имаше шмек, кој денес недостасува.

    Пораснав со учебници од кои три генерации клинци од семејството стекнуваа знаење кое тежи и денес. Не се штанцаа секоја година нови и не се дизајнираше нов поглед на нештата, според тоа кој беше властодржецот. Не се правеа експерименти со децата и оној квалитет кој од клупите го носеа во живот  беше вкоренет во еден систем кој и денес се почитува како  неприкосновено мерило на знаење.

    Пораснав со Агрон, синот на чичко Фаик и тетка Мукадес, кои беа пријатели на моите родители, пораснав со учителските плати на мама и тато кои ишколуваа двајца студенти и секогаш имаа да ни купат се што ни треба. Пораснав вљубена во книга, добра музика, чувство за почит кон постар и всадена животна претстава за она што е погрешно и какво такво не се прави.

    Пораснав со акции на пошумување во кои учествуваме сите бидејќи сакавме тоа да го правиме и не ни беа потребни неработни денови, ниту задолжителната нота која денес се врзува за ваквите настани. Сабота беше ден кога размислувавме зелено.

    Пораснав со гроздобери на кои сите одевме, затоа што сакавме да одиме и јас до денес со насмевка и доза носталгија се сеќавам на моите лепливи прсти со кои гроздовите ги редев во гајбите, а низ редовите лоза ечи песна.

    Пораснав со такви настани кои носеа магија бидејќи имаа миризба на верба дека нештото што го правевме како млади, имаше смисол и никому не му паѓаше на ум да ги избегне.

    Не знам. Можеби е тоа сепак само носталгија на жена во години, реуматична, со првите белила во косата, исправена пред предизвиците на новото време кое не е она што требаше да биде, она што таа го очекуваше, ниту пак е она што таа го заслужува. Како впрочем, и сите ние кои битисуваме денес, тука, раскарани, разединети, осиромашени, несреќни и без идеја што може да се стори за да животот излезе од сивата зона и да се обои со поведра нијанса.

    Можеби денов е само сентиментален репер за поубаво минато на нас постарите, кои имаа среќа да бидат млади тогаш кога да се биде млад беше убаво и без грижи кои денес ги мачат младите, наместо да биде подзаборавен датум кој припаѓа на едно друго време.

    Можеби е така. Но пак ќе кажам - силно верувам дека ако се сеќаваме на она што поминало не само со доза на сета, бидејќи тогаш сме биле млади, туку и со доза на копнеж за она убавото од тоа време, тогаш тоа значи само едно - се сеќаваме на она вчера само ако ова денес не задушува и не ни обезбедува смиреност дека она утре ќе биде подобро.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*