Деновиве ми беше предочено дека одредени текстови и покрај нивните граматички и логички недостатоци се добри затоа што повикуваат на револт и акција против нашето секојдневие за кое толку лесно ќе се сложиме дека револтира и бара акција. Впрочем суштината на опозициската стратегија во психолошка смисла е да предизвика „будење“ на граѓанството и формирање критична маса која овојпат ќе биде доволна за промена.Тука некаде ќе наидете на цела тирада термини како „хибернација“ и „одважување“ кои имаат само спротивен ефект. Ваквата насока е резултат на поедноставувањето на тоа што една партија треба да прави или дводимензионално гледање на нејзината задача, со кое јас за жал нема да се сложам.
Нашиот проблем, дури и на оние кои мислат дека таков нема, е тоа што граѓанската мобилизација се прави лесно, а не тешко, но од погрешни причини. На моменти колку причината е попогрешна, толку мобилизацијата е полесна. Не е проблем граѓанинот да стане, тој веќе стои, но тоа за што стои не вреди ништо, не значи ништо и не води никаде. Обемот на овој проблем повеќекратно го надминува капацитетот за решавање на проблеми кој го нуди зголемената граѓанска активност.
Намерата зад активирањето на граѓанинот е тоа дека тој, така на ново активиран, ќе се соочи со политиката која е на власт. Меѓутоа за ова да се случи, истиот граѓанин прво ќе мора да се соочи со самиот себе. Откако тоа ќе го направи (не ме прашувајте за временска рамка), соочувањето со владеачката политика и нејзините персонификации нема ни да се потребни.Тие само ќе отпаднат, еден убав ден, како ирелевантни, како страни тела, реликвии кои ќе бидат вратени во македонскиот историски подрум, од каде и што дојдоа, да собираат прав.
Мнозинството од граѓаните прво ќе мораат да се соочат со тоа дека дозволија цела една нација, која доминантно се презива на –ски или –ов, која го користи и од која потекнува кирилското писмо и чиј јазик е дел од словенската група јазици, нешто што е лингвистички докажано, своето потекло да го бара и навидум наоѓа во антиката и древната македонска држава. Ќе мора овие луѓе да се надминат себе си, да ја надминат хроничната неспособност за преиспитување, за самооценување и да си кажат дека сето ова не е само симпатична и романтична илузија туку отровна заблуда и опасно негирање и правење пародија од реалноста. Ова важи и за оние чии забелешки за отелотворувањето на оваа политика, СК 2014, се само по финансиски основ.
Време е да си кажеме дека древната македонска држава била дел од хеленскиот свет и дека омилениот војсководец, еректиран во центарот на главниот град ја ширел истата култура и никоја друга.На разумни луѓе им е јасно дека ваквото културно тетеравење и историско бладање некој ден мора да се плати. Нацијата дозволи да биде заведена од една лошо илустрирана сликовница на В.Тупурковски. Неверојатно ...
Понатаму мнозинството од нас ќе мора да го ревидира својот поглед на фактичкото настанување на државата во која живееме, искривен неодамна од сомнителни причини. Ставањето во ќош на оние кои први ја материјализираа националната кауза, не е ништо друго туку сечење на гранката на која седиме. Нивното претставување како пречка кон етничка Македонија, а не како херои кои спасија она што остана за спасување е теза на подлите наменета за контрола на глупавите преку предизвикување на перпетуален, повеќегенерациски сомнеж кон оваа исклучителна група на луѓе. Будалите веројатно доцна ќе се сетат дека пекањето по предасномскиот период е повикување на време во кое македонската државност не е ниту приближно консолидирана, а нашите национални дејци на моменти се двосмислени или колебливи.
Само поради очекуваната пригодна куртоазија, историското ВМРО се сместува како достојна претходница на македонските партизани.Онаму каде што е единствено важно, во реалноста, единствениот вистински и опиплив резултат кој историското и политичкото ВМРО го имаат е Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, чинам од 2000 година. Во остатокот од времето тие како организации и нивната политика се единствено способни да створат услови за непотребно загинување на поголем број искрени патриоти или иселување на сеуште непознат број сограѓани. Затоа секој обид за прикажување на историското ВМРО и македонските комунисти како еднакви и нивниот придонес како еднаков, засекогаш ќе биде фактички неуспешен.
Конечно, соочувањето со политиката која сето ова го исфрли на површина е спречено од чисто субјективни причини.Ако тоа се случи, мнозинството од нас треба да признаат дека скоро една деценија грешеле, а ако можеле за ова да згрешат тогаш ќе мора да се запрашаат какви се тие самите. Затоа што власта може да биде само она што мнозинството граѓани ќе и дозволат да биде, а во однос на тоа што успеа да стане груевистичката власт, не можете да се оттргнете од впечатокот за доброволно соучесништво на нашите соседи, другари, пријатели. Вистината е дека валканите работи на груевизмот се направени токму од неговите жртви, свесно. Истите овие сега би требале да признаат дека биле доволно наивни или корумпирани за такво нешто. Тоа е и суптилниот начин за останување на власт на ваквите луѓе, валкањето на што повеќе соучесници со кои ќе биде створена силна врска. Треба храброст и сила за да се излезе од ваквата ситуација, а јас нема овде да Ве лажам дека сум сигурен оти таква овие луѓе имаат.
Опозицијата мора да сфати, конечно, дека се наоѓа среде сериозен обид за ревизија на македонското државно и културно битисување, и уште поважно да возврати по тој основ. Во процесот, истотака мора да се обиде да ја излечи нацијата од детските болести, од слатките националистички лаги, а не исплашено да ги потпира и да дозволи да биде влечена кон центарот од полуписмената, насилничка власт. Во спротивно целата штета и траума, сите недопечени полу-вистини, сите апсолутни лаги, ќе останат да талкаат во националната свест како шанси за некои нови национал-шарлатани. Чистењето од нив би било крајна консолидација на нацијата, која потоа на пример, би можела да почне да се возбудува за тоа што 190.000 нивни сограѓани живеат со помалку од еден долар дневно или што во училиштата на нивните деца нема греење.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*