Деновиве јавноста во Република Македонија е бомбардирана од политичките лидери на постоечките и новоформирните партии, со еден дел од нивните програми во кои барем според нив нудат извесни решенија за подобрување на економскиот и социјален развој во државата и нормално подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во овој случај и власта и опозицијата на еден или друг начин потврдуваат дека за овие 20 години не направиле многу за да граѓанинот во Македонија да се чувствува економски и социјално посигурен. Непобитен факт е дека нашите граѓани не се во можност да обезбедат материјални средства за лична и семејна егзистенција, поради субјективни, но и општествени причини. Посебно што можноста за нивното работно интегрирање во работниот процес е сосема невозможна заради економската состојба во општеството, што значи повеќе граѓани ја чувствуваат сиромаштијата, социјалната и економска несигурност, иако Уставот на РМ им го гарантира правото на вработување, социјална и економска сигурност и се разбира нормален животен стандард. Тоа значи дека државата преку своите механизми е должна според Уставот да обезбеди пристојни материјлани и општествени услови за благосостојба и материјална сигурност на секој граѓанин во општеството почитувајќи ја неговата социјална, верска, етничка, партиска и друг вид на определба.
Според ваквата уставна определба сите партии кои беа на власт или ја практикуваа власта, па и оние новоформирани имаат обврска да се залагаат за реализација на атрибутот социјална држава, сместен во член 1 од Уставот на РМ. Меѓутоа мораме да констатираме дека овој атрибут и обврска барем во изминатиот период од дваесетина и повеќе години, без разлика која партија била на власт, е несоодветно реализиран, бидејќи граѓаните за жал не се чувствуват економски и социјално-општествено сигурни. Секогаш партиите во текот на предизборието нудат се и сешто преку одредени програми, но по освојување на власта многу малку реализираат правдајќи се дека општата светска или општествена клима не им дозволува, потенцирајќи ги посебно европската и балканската економска криза. За жал и во овој момент власта и опозицијата и новоформираните партии, при јавен настап се служат со популистичка реторика, користејќи одредени категории на граѓани како средство за манипулација. Секоја партија во својот јавен настап пред граѓаните ќе ветува нешто маргинално и ќе презема мерки околу кобаеги за подобрување на животниот стандард на граѓани кои се со статус пензионери, лица невработени и без материјални примања, деца без родители и родителска грижа, лица со хендикеп, стари лица и на крај ќе се подобрува стандардот на така наречената средна класа. Во таа насока предвидуваат и едните и другите зголемување на пензии, социјална помош или промена на законските проекти.
Може да се каже дека ваквото размислување е сосема условно кажано добро ако ваквите зголемувања се објективни, односно се во функција на подобрување на материјалната состојба, на напред споменатите граѓани. Но се поставува прашањето дали сите овие предвидени зголемувања од било која партија се во корелација со обврските што произлегуваат од Уставот на РМ и позитивните законски прописи. Мораме да признаеме дека зголемувањата на основните примања на посочените категории е едно од усогласувањето со зголемените животни трошоци што се нормираат со постојните закони. Посебно што пензиите, социјалните давачки како посебно право се загарантирани во прв ред со Уставот на РМ и постојните закони, во овој случај Законот за ПИО, Закон за социјална заштита, Закон за вработување итн. Посебно би потенцирал дека во Уставот граѓанинот е основен субјект, во истиот нема поделба на одредени класи што еве во последно време некои партии посебно ја издвојуваат средната класа. Ако така се прави практично се повредува принципот на еднаквост, бидејќи Уставот на РМ сите граѓани ги смета за еднакви во остварување на своите лични и семејни права било тоа да се од општествен или економски карактер. Она што го нудат постојните партии и новоформираните треба да кореспондира со состојбите во државата. Зошто? Затоа што социјалната политика и социјалниот развој мора да се во корелација со економската политика и економскиот развој. Општо правило е дека ако дојде до дисбаланс меѓу економската и социјалната политика тогаш неминовно доаѓа до одредени конфликти во општеството од било кој вид. Од тој аспект, сметам дека е позитивно што во овој период се појавија неколку новоформирани партии што на некој начин го збогатија политичкото миље во РМ, се разбира и во општините. Но овие партии ако сакаат да ја стекнат довербата на граѓаните мора да понудат нешто ново кое ќе се разликува од веќе понуденото. Нашите граѓани се доволно политички едуцирани и можат многу лесно да ја препознаат намерата на секоја политичка партија, а посебно на новоформираните кои за првпат се појавуваат на политичката сцена. Мора да се сфати дека граѓанинот треба да биде во прв план посебно неговите уставни права, а не личен или партиски интерес. Јас на сите политички партии за идните парламентарни, претседателски и локални избори им посакувам успех со желба да создадат многу подобри општествени и економски услови за нашите граѓани.
М-р. Бранко Арсовски м-р Бранко Арсовски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*