Под превезот на реформите, најблагородната професија – учителската, станува се почудна, на моменти и во одредени околности, дури и апсурдно неверојатна.
Ќе загатнам само една од бројните мачни реални состојби во образованието - стапувањето на сцена на новиот инструмент за спинување на изморените даскалски мозоци, уште несанирани од постојаното цунами на закани: ОБВРСКАТА СЕКОЈ НАСТАВНИК ДА СОСТАВИ 100 ПРАШАЊА ПО СВОЈОТ НАСТАВЕН ПРЕДМЕТ КОЈ ПОДЛЕЖИ НА ЕКСТЕРНОТО ТЕСТИРАЊЕ.
Се работи за дискутабилна алатка која и покрај реакциите на наставниците се избутка до крај и мината година се подигна на ниво на ЕДИНСТВЕН систем за валоризација на наставникот преку 30 прашања, контра неговото целогодишно работење со помош на различен и опфатен инструментариум за вреднување, нешто невидено досега. Што се случуваше и што се случува сега?
На крајот на измината година бевме сведоци на едно трауматизирачко искуство - смешни прашања, без логика, смисол и тежина која треба да најде врска меѓу нашите алатки за целогодишно вреднување и она што може да се собере во 30 прашања. Различни по тежина, сите по еден поен. Паѓаат во вода сите правила и норми на дидактиката, методиката и педагогијата кои се нашето оружје и кои почиваат на основните воспитно-образовни постулати – сите деца не се исти, различни се инструментите за следење на детето, се прилагодуваат на неговиот индивидуален хоризонт и во никој случај не можат да се стават на иста вага и да се мерат со ист аршин - не тежат исто. Чинот на вреднување, како што е тестот и процесот на вреднување, каков што е комплексниот приод до секое дете низ целата година не се споредливи. Сите наши аспекти на работење, кои ни се бараат како задолжителни и ни се вреднуваат на интегралните увиди, не се во корелација со баналноста на концептот на тестовите, како ситуационен параметар кој се поставува како единствено валиден наспроти комлексиот пат на следење низ целата година.
Хаос со тестовите. Слика која не се отвора. Задача која одзема многу време. Прашања на друг наставен јазик. Јавна тајна дека тестовите се пробиени. Аргументирани нешта кои не се земаат предвид - тестирањето е успешно, со мали почетнички и очекувани гафови, како за првпат, нели.
Еве ги и резултатите. Поразителни. Бесмислени. Сите зјапнати во списоците, со неверување гледаме што се случило - најслабите станаа најсилни, а ние, кутрите, мериме дали она по кое нашата оценка се разликува од онаа која не е наша и никогаш и никако не може да биде (ама тоа го заборавивме гледајќи колку голем бран на закани се подигна, заканувајќи се да не удави) е под 1. Нашите разговори се сведоа на “Тебе колку ти е разликата?” “Леле, мене ми е над 1.” “Мене ми е 0,78.” “Леле, блазе си ти, ти немаш гајле.” Ги пишуваме небулозните цифри заедно сo нашите, а децата прогласија победнички делириум. Ние прогласивме пораз. Ватерло со сите нишани, со дефинитивно испуштена шанса да го сториме Аустерлиц.
И сега? Како да се оправда утката и истовремено да опстане и оваа година, бидејќи се крена многу прашина и сите реагиравме дека ова не е реално вреднување на квалитетот на наставникот? Многу едноставно. “Дајте им на наставниците обврска да состават прашања, кога нашите не им се допаѓаат. Така ќе немаат алиби да кукаат, оти веднаш ќе им залепиме лепка – вие сте составувачите, што сакате сега?” – рече некој умен надлежен.
Кус рок, со квалификатив “невозможна мисија.” Погрешно, ако интенцијата е прашањата да бидат квалитетни, тежински одмерени и добро формулирани, во согласност со Блумовата таксономија. Десет дена. И тој што предава 5 предмети, што означува 500 прашања и тој со 1 предмет. И почетник, кој допрва треба да учи што Блумовата таксономија подразбира. И оној кој не ја разбира доволно, независно од годините поминати во образование. Повторно импровизации.
Зошто го сметам ова за апсолутно погрешно? Затоа што надлежните губат од вид дека тоа што ќе не вклучат во составувањето на прашањата не ја намалува, ниту ја елиминира апсурдноста на вреднувањето на наставникот преку тоа дали оценката од екстерното тестирање ќе му се поклопи со оценката која ученикот ја добил, следен цела година. Наставникот не е само оценувач и недозволиво е да му се мери квалитетот само според овој аспект. Конечно, она што надлежните сеуште не го научиле е она базичното во образованието: квалитетот на наставникот не се мери според квалитетот на чинот, туку според квалитетот на активностите кои ги извршува низ комплексниот и благороден процес на градење на младите. Затоа ни должат повеќе почит и прифаќање на фактот дека ние сме од другата страна на клупите и знаеме зошто сме таму.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*