Aко секоја година која заминува остава се погорчлив и погорчлив вкус и се бои со олеснување бидејќи завршува, наместо да се запомни како време кое сакаме да се повтори и догодина бидејќи е убаво, тогаш сериозно треба да се застане и да се каже: „Јас не сум среќен. Јас сакам да сум среќен. Ништо повеќе“
Добро. Две недели до Нова година, кои тежат 15 дена. Тежат, богами. Ама во оваа прилика нема да мерам ниту да пишувам колкава тежина е тоа, секој си знае и си мери со свој аршин, од свои причини и си живее со свои последици од тоа мерење - вакви или онакви.
Но, некои нешта во годината зад нас се сепак универзални во својот баласт и за многу голем број на луѓе кои битисуваат на овој простор тежат еднакво во својата мачност, поради што и најупорните обиди да се испеглаат брчките од истутканиот живот остануваат само обиди и лични аспекти на оние малкуте, кај кои всушност пеглата и се наоѓа.
Ако се сака да се биде искрен кога се прави рекапитулација на месеците зад нас, независно од личниот визир кој можеби е склон и да ја разубави сликата, сегментите кои сликата ја чинат треба да се раскажат чесно, обоени со вистинската боја, онакви какви што се. Истата сепак треба да се идентификува како колор кој е премногу сив, треба да се менува и веќе еднаш да и отстапи место на поведрата нијанса, наречена мирен живот, кој бидејќи ја нема димензијата на шпанска серија со репризни изданија, треба да се одживее достоинствено во таа своја единствена шанса. Надвор од грижите, немањето, кавгите, недоразбирањата, осудите, поделбите и борбата за гол живот.
Мислам дека за секого кој ќе се запраша колку тежеше годината зад нас, ќе биде доволно да се погледне себеси во огледало и да си го набљудува сопствениот одраз некоја минута, да си ѕирне во паричникот, да се обиде да не подголтне кога ќе помине крај контејнерот кој се почесто е вселива дестинација за гладните, да се наоружа со одговори кои треба да им ги даде на сопствените деца, кога ќе го прашаат на која планета живее бидејќи ги воспитува дека чесноста е доблест, трудот е она што се вреднува, а чистиот образ императив, да се осврне наоколу кога ќе излезе надвор и да побара луѓе исправени, насмеани и ведри во окото и да му е јасно дека се некаде на друго место, да појде на лекар и да му е јасно дека тешко ќе го најде пред да му биде навистина потребен, да појде на работа и да му биде јасно дека тешко ќе најде некој кој навистина и искрено се вика колега, да не се исплаши од драматичното заминување на умните млади далеку оттука, бидејќи тука веќе не им е топло и се повеќе им студи, да вклучи ТВ и да остане подзинат од идиличната слика во која тој всушност многу убаво живее, ама на телевизиските канали на кои слуша дека извозот пораснал, дека субвенциите се исплатени, дека здравството е реформирано, дека платите се покачени, дека пензиите раснат, дека семејствата не ни се се повеќе дисфункционални, бидејќи немањето во кое се живее се повеќе е јаже околу вратот, дека децата не ни станаа невидено агресивни, до мерка која се граничи со апсурд кој подразбира тепање до отепување, дека живее во земја – лидер по многу нешта, дека образованието не живее во филмот “образОваме, но не образУваме,” дека спомениците не им го зеземаа местото на живите, дека гламурот на црвениот тепих сосе барокот под рака, биле докажани македонски референци уште од Александар Велики наваму, дека поделбите не се кријат зад кулисите на квази заедништвото во опасното сценарио кое застрашува.
Не сакам да ја бојам сликата само со темни нијанси и со сето срце се трудам да пронајдам сегмент кој годинава зад нас ќе ја рехабилитира и ќе ја извлече од темната рекапитулација, навистина се трудам. Можам да мерам и со свој аршин, што е впрочем, мошне популарна мерна единица на нашиве простори и да речам – во ред, мене не ми е толку тешко, нели. Имам работа која ја обожавам, имам плата која, чесно кажано, има димензија на “врти душа” бидејќи ми трае 15 дена, а остатокот се сведува на чекање на следната, имам дом и семејство кое е моето гнездо, утеха и мојот најубав и најсигурен животен аспект. Можам и како резултат на таа како-така остварена егзистенцијална перспектива да потенцирам дека нештата сепак и не се така црни и да ја исфрлам вообичаената флоскула: “А ич? Остај, може и полошо”. Нема да го сторам тоа. Зошто?
Затоа што не сакам никој да живее во тој фазон, бидејќи секој заслужува да го добие подоброто, наместо во недостаток на истото да се теши дека може да помине и полошо.
Затоа што и јас живеам на овој тажен простор, контаминиран со задушлива ареа на тежок живот, на прифатени ветувања како девиза за подобро утре кои не се остариле, на неостварени сништа и неисполнети очекувања. Затоа што и моите деца живеат денес тука и ова треба да биде простор кој за нив ќе го означува она што ќе им се вика “утре” од кое нема да сакаат да заминат со билет во еден правец.
Затоа што секојдневно се соочувам со така умни, а така демотивирани, неамбициозни, поттурнати од образовната сцена млади кои и тоа како умеат и можат да ја играат своја животна улога во клупите – да учат и научуваат, а не го прават тоа од една проста причина – не сакаат. И не се тие виновни.
Затоа што тивкиот Mакедонец, кој во својот генетски код ја има зацртано кроткоста не го заслужува животот “на лажичка”.
Затоа што ако секоја година која заминува остава се погорчлив и погорчлив вкус и се бои со олеснување бидејќи завршува, наместо да се запомни како време кое сакаме да се повтори и догодина бидејќи е убаво, тогаш сериозно треба да се застане и да се каже:”Јас не сум среќен. Јас сакам да сум среќен. Ништо повеќе.”
Посакувам среќата да се всели во душите на сите нас во годината која е на прагот и да ни донесе спокој, повеќе љубов и повеќе разбирање. Повеќе живот.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*