×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Слика од животот

    Елизабета Секирарска

    Од како знам за себе, сум сакала да читам. Да пишувам. Ноти од зборови кои секогаш ми ја компонирале душата и ми овозможувале да испеам на хартија  како на мене влијае она што го дишам, вкусувам, го допирам како живот. И денес е така. Си мислам дека би можела сите мои писанија да ги именувам со "Дневникот на Бети", на пример. Тренди име за индивидуален израз, како реакција на секојдневието. Секој ден, ново писание, како кога бев млада па имав голем зелен роковник во тврд повез, со убава девојка облечена во црвен фустан на корицата и со нацртан пердув и мастилница во десниот горен агол на секоја страна.

    Моите тогашни писанија беа во боја, живи, весели и носеа ведрина, бидејќи животот тогаш беше едноставен, младешки и неоптоварен со животни баласти кои подоцна ме натоварија и повремено ми ги менуваа боите. И покрај се, и денес претпочитам ведрина, сакам да живеам и пишувам во боја, да бојам и да не се сведам на сиво-црно-бели нијанси, но сепак, кога некој друг ви ја движи четката и ви ја дефинира рамката во која цртежот ќе стои, се црта поинаку од посакуваното и многу често изгледа како грд песјаж на река во магла, пред дожд.  Наместо како поле со црвени булки, со сонце на изгревање.

    Тогаш правите напор да си исцртате свои мали сликички за интерна употреба, врисок на бојата која треба да го поправи впечатокот и утеха за сивилото. Во зависност од тоа која нијанса замутил оној што ја слика големата слика, се движите низ неа и впивате, гледате, проценувате. Влечете потези. Понекогаш со насмевка. Се почесто со тага, неверување и резигнација, сфаќате каде сте и бегате онаму каде што единствено можете да цртате: на своето и свое - дома. Прашувајќи се зошто боите за сите не се оние кои животниот колор треба да ги подразбере, ако сака живот да се вика.

    Слика од животот, завчера

    Тивко утро, седум и пол, сонце и топол мирис на леб. Пекара. Веднаш ми е до портата, мал, топол објект кој ја омирисува улицата. Ми се допаѓа што е тука, убаво мало место кое секогаш мириса на пекмез, на проја, на топол леб - мирисите кои ќе ми се распостилаат низ собата секогаш кога ќе отворам прозорец и ме потсетуваат на куќата на баба ми, кога бев дете.

    Гледам во стаклената гондола, наредени печива во сите варијанти, врели ги мешаат своите мириси. Чекам ред, застаната зад жената со очила и голема торба, која завзема простор уште за еден човек. Се наведнува за да види подобро, ја бутка торбата наназад, јас ги буткам луѓето зад мене за да и направам место. Станува топло и загушливо, со нота на нервоза во воздухот.

    До мене, во дуплиот ред кој се создаде заради неколкуте луѓе кои влегоа истовремено, застана постар чичко со шапка, држејќи си го внучето за рака. Момче од околу 3-4 години. Брадата му е во висина на делот од каде што почнува стаклото, може убаво да види што има внатре.

    Го гледам како се џари во гондолата - крупни црни очиња, косичка зачешлана наназад, тргната од челото. Мала лузна над окото, дел од детските лудории. Куси панталонки без копче, се држат на патентот. Кошулчето врзано на краевите во јазол. Пластични папучки на нозете.

    Дедо му гледа во миризливото шаренило кривејќи ја главата, ја вади шапката и се лади со неа.

    "Дедо, сакам бурек "- вели наглас, подигнувајќи се на прстите. Дедо му не реагига, гледа настрана. "Дедо бе, бурекче сакам." Повторно нема реакција. Момчето ја крева главата, го гледа оддолу и го тегне за раката. "Дедо бе, не ли ме чуеш, од овј бурек малко да ми купиш, може ли?"

    Во малиот простор, десетина луѓе. Никој не зборува. Гласот на детето одекнува јасно, чисто како истрел.

    Дедото го повлекува со раката надолу, без збор - движење кое означува "молчи." Си ја врати шапката на глава, навлекувајки ја длабоко на челото, како да сака да се скрие. Сите молчиме, гледајќи на страна.

    "Зашто дедо не ми купиш, ај само малко бурече, а ?" Најпосле, гласот на дедото состави реченица која ја доврши мачната слика: "Друг пут, сине, сг дедо геврече ќе ти купи, гле што е убаво сас сусамче"

    "Ама мене бурече бе дедо ми се еде" - гласот на детето доби друга боја, жалостива и мачна за слушање.

    Дедото се преместува од нога на нога, се обидува да внесе веселост во она што го зборува: "Еве овој како воланче што е ќе ти га купи дедо. Види што е убаво,а?" Малите црни очиња со сомнеж го гледаат геврекот кој му е пружен, го зема врака, го гледа ту него, ту бурекот, пак него и пак бурекот, ја подига главата, си го гледа дедото и така мавајки се со погледот, се сретнува и со моите очи.

    Немам име за тој гладен, детски поглед, освен можеби - јули 2015-та. Поглед врамен во слика на денот кога со двете раце го зеде геврекот и го заврте како волан меѓу двете дланки, гризна од него и пружајќи го угоре, му рече на дедо си: "Сакаш залче, дедо? "

    "Нејке дедо, сине, не е гладан. Ручкај си ти."

    Ова е парче секојдневие. Реално, мачно. Надвор од секојдневно сервираните гламурозни сценарија во кои ролјите се толку нестварни да се своевиден  сајанс фикшн формат, недостижен за малите луѓе. Оние кои се носат со животот онака како умеат, мачно. Оние кои се осудени да се фаќаат во костец со она што им се паднало како животна ждрепка, додека се уште и покрај се, на чекор до нив, без срам и совест  живеат апологети на искривоколчените вредности кои малиот, добар, напатен човек не ги заслужува.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*