Правени се многубројни споредби, анализи и согледувања што е тоа заради кое некои образовни системи носат квалификатив “најдобри во светот” и од кои причини ние и покрај сите напори формулирани под превезот на бројните “образовни реформи” не сме во состојба ниту да го приближиме нашиот образовен квалитет до ваквите фантастични системи, а камо ли да го надминеме. Еден од најсилните примери е секако финскиот образовен систем, кој ние учителите го следиме со жалење и мака затоа што во своите темели има реални, валидни, вистински и силни образовни постулати за кои ние кутрите, со вака поставен образовен концепт, можеме само да сонуваме.
Нема во оваа прилика многу да се задржувам на толкувањето на системот кој продуцира најквалитетни деца во светски рамки, но ќе ги нагласам само најважните факти заради кои нештата стануваат појасни.
Пред се, системот во Финска е целосно финансиран од државата, до детали. Поставен е така да детето полни 7 години и тогаш поаѓа на училиште, а во текот на првите 6 години на својата едукација не се “мери” на било каков начин. Основците имаат по 75 минути дневно време за пауза, а класовите, особено оние со предзнак “научни” функционираат со бројка од 16 ученици и најмногу работат на практични експерименти. Сите полагаат еден задолжителен стандардизиран тест кога ќе наполнат 16 години, а разликата меѓу најдобрите и најслабите ученици е најмала во светот. Учителите поминуваат само 4 часа дневно во класот, а 2 часа неделно трошат на професионално усовршување. Сите мораат да имаат магистериум за да работат како учители, а истиот е потполно субвенциониран. Наставниот кадар се одбира од 10-те проценти најдобри студенти. Како учители, го имаат истиот статус со адвокатите и лекарите.
Ова се фактите на оние најдобрите, многупати нагласени, повторени и посочени како позиција која за сите системи треба да биде високо поставен императив. Ако го погледнеме нашиот образовен систем, кој, гледајќи го хаосот кој се провејува низ сите образовни нивоа, искрено и не знам дали може така да се нарече, ќе здогледаме навистина една цела низа на фрапантни воспитно-образовни гафови кои и покрај апелите на сите инволвирани во напорот за спас на фелата, со години и понатаму опстојуваат во сета своја небулозност и дефинираат генерации, менуваат професионални светогледи и оставаат траен печат во образовното миље на оваа почва, која некогаш продуцираше квалитет по кој беше препознатлива во светот.
Пред се, се чини дека најголемиот проблем е во ставот на надлежните дека нештата во сите, па и во сферата на образованието почнуваат со нив и дека пред тоа ништо не било во ред. Тоа за резултат има калемења кои не се во состојба да се “зафатат” затоа што тука има сепак автентични образовни корени кои бараат соодветно понатамошно третирање кое би ги подобрило, надградило и со тоа овозможило добивање на навистина нов лик во образовното огледало. Сведочиме, за жал и оваа година на:
1. исклучително погрешното имплементирање на туѓи образовни искуства, кои се покажуваат асполутно несоодветни и пред се, на најмалите ученици запловувањето во образовните води им го бојат со отпор кон учењето – она кое ќе ги прати цел живот.
2. брзите обуки во инстант варијанта кои наставниот кадар го оставаат и понатаму несигурен во однос на тоа како да работат со децата, затоа што се недоволно обмислени, непроверени на терен и без соодветна логистика во пракса.
3. опстојувањето на најнебулозните алатки за следење на квалитетот (?!?!) на оценувањето некогаш видени на овие простори, како што е екстерното тестирање, а за кое толку многу се пишува и зборува, да веќе се е јасно. На сите, освен на оние кои го наметнуваат.
4. стравот, молкот и притисокот на наставниците, затоа што мечот над нивните глави не е тргнат со квази залагањата на институцијата надлежна за одбрана на нивните права, ако истата вака како што е поставена во моментов воопшто и може така да се нарече.
5. изостанувањето на здрав критериум врзан за тоа кој може, умее и треба да биде наставник, благодарение на деформирањето на уписните политики и инволвирањето на политиката во образованието наместо инсистирањето на здравите образовни политики.
6. оптеретувачките наставни програми кои се баласт за ученикот и му креираат фрустрирачки образовен амбиент во кој тој не учи, туку ги усовршува моделите на снаоѓање и му ја одредува животната траекторија на сосема друг начин, надвор од воспитно-образовната рамка која училиштето треба да ја подразбере.
7. дискутабилните учебници кои немаат статус на помагало, туку на отежувало и не се во улога на здрав извор на сознанија преку кој учениците ќе го доживеат предметот и ќе го разберат, за да можат да го научат.
8. задушувањето на здравата амбиција и натпреварувачкиот дух кај учениците, затоа што општата клима не им формира предизвик, туку оптеретувања кои им дефинираат ниски барања и им овозможуваат да даваат од себе само минимум. Затоа што им се снима филмот во кој главните фаци даваат изјава дека “за минимум се бориме” додека ние ги убедуваме дека за квалитет треба да се бориме сите заедно.
Ова е само мал дел од бројката на “дострелите” која е многу поголема, многу болна и сите нас, кои сме од другата страна на клупите ни создава оправдано чувство на професионален очај. Новата учебна година започна без здрав основ да веруваме дека образованието веќе еднаш ќе излезе од стегите во кои предолго е задушено и ќе го добие пиедесталот кој го заслужува. Без здрав основ да веруваме дека ќе дојде денот кога нашето образование ќе служи за споредба, како квалитетен репер-систем наместо да доживува професионални ногдауни кога ќе влезе во рингот со другите. Многу нешта треба да се сменат и да застанат на здрави нозе. Можеме ли на тоа да се надеваме?
Како и да е, среќен почеток! Ќе ни треба.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*