Кога ќе го земете количеството на информации што беа и сеуште се истурани врз нас и променливоста на околностите, навистина не знам за што попрво треба да разговараме. Темата за прислушувањето ми се чини дека е доволно покриена и дека не можам со ништо да придонесам за подобро да ја разберете. Дури мислам дека веќе никој не може, затоа што сите дилеми ги реши Премиерот лично преку неговиот најнов перформанс, самобендисаниот и бесрамен обид да ја убеди јавноста дека треба да му прави друштво во топлата када.
Меѓутоа нашиот интерес во оваа сеуште нецелосно настаната ситуација не треба да бидат нивните лични судбини, мислам дека ќе е штета ако бидеме жестоки кон нив и ако почнеме да се насладуваме на индивидуалните казни. Нивното пропаѓање во политичка смисла не смее да биде само лично, туку мора да биде заедно со нивните идеи и нивниот светоглед. Процесот мора да биде искористен за политичкото убивање на нивната демагогија и нивните лоши идеи. Затоа што уште сега ене го хармоникашот како се обидува да ги собере старите добри, лигави глупости и да ги стави на сигурно додека не помине опасноста од разумот и нормалноста кои се шират секој ден се повеќе.
Ова затоа што кулминацијава која ни се одмотува пред очи, гротеската од погледот зад сцена, се финишот на нешто што започна или беше повампирено наизглед безопасно и заводливо. Сетете се само на романтичните приказни за конгреси во Солун, за обединувањето, за Александар. Прифаќањето на овие идеи бара суспензија на критичната мисла од сериозен размер, кое потоа метастазира врз здравиот разум и на крајот ствара секташка атмосфера која во периодот што следи може да натера дел од нивните членови на екскурзии надвор од истиот.
Затоа мора да се ослободиме од историските товари и комплекси кои самите си ги прикачивме и створивме. Фаталноста на нашата судбина, однапред позната во секоја ситуација, мора да биде третирана како вистинскиот внатрешен непријател.
Во меѓувреме ние мора да утврдиме и да знаеме што бараме и да не дозволиме да бидеме замолчани. Нашите барања не смеат да бидат ниски и разумни, затоа што единствениот начин во пракса да добиете некаков резултат е ако целите ви се високи.
Пред се мора да бараме правда, мора да бараме и гаранција за способноста на правосудството да испорачува правда.Јавното мислење кое конечно почнува да се формира мора постојано да биде на штрек во однос на кадровските решенија во судството и степенот на мешање на извршната власт. Тазе освоениот универзитет мора да остане автономен и да стане далеку подобро финансиран. Акредитирањето на приватните универзитети мора конечно да биде сфатено сериозно и да биде доследно спроведено.
Извршната власт мора пред се да обезбеди инфраструктурни вложувања и барем да се обиде да влијае на фиксните семејни трошоци.Крајно време е и за сериозна стратегија за спроведување на структурни реформи во економијата за да се зголеми степенот на стандардизација и способноста да се створи што поголема додадена вредност. Затоа што нам не ни требаат само работни места, ни требаат добро платени работни места. Ефтината работна сила не е нешто со што треба да се фалиме и да се промовираме низ светот. Веројатно врвот на предавството кон македонскиот работник беше обидот, понекогаш и успешен, за економско подведување правен од битангите на власт.
Тоа не води кон најважната работа која мора да биде завршена од новата власт. Таа мора да се впушти во долготрајна и безкомпромисна војна со апсолутната сиромаштија. Проценките говорат дека денес во Македонија живеат 300.000 луѓе кои се под границата на апсолутна сиромаштија. Оваа бројка е сочинета од четиричлени семејства кои располагаат со месечни буџети помали од 8.000 денари . Оваа бројка е зголемена за три пати од 2006 година до денес. Притоа во ниту еден момент не сакам да кажам дека ги сметам за средна класа оние кои имаат нешто повеќе од тоа.
Ваквата ситуација мора да биде неприфатлива за нас како луѓе. Државното организирање на едно општество мора да има повисоки цели од украсување на плоштади.
За крај, во никој случај не смееме да прифатиме разводенети варијанти на нашите барања како и релативизирања за нивното неспроведување.
Владимир Трајковски Владимир Трајковски, член на СДСМ 
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*