Правам појадок утринава со маестрална комбинација на она малкуто од фрижидерот, карактеристично за почетокот од месецот кога нештатата се дотрошиле, а платата е доволно далеку за рехабилитација на овој студен апарат, кој во моментов ми лади 4 шишиња вода, парче сирење и да не набројувам – срамота е.
Си потпевнувам и правам напор да ја игнорирам болката во колената, оти знам дека и денес денов ќе биде превртлив, со три реда дожд и еден ред сонце, па си реков, ај да пуштам ТВ и да видам што има ново. И ете, можеби ќе беше подобро да си продолжив да си пеам, многу брзо сфатив. Ама готово, се навлеков клетата и ми остана само да се претворам во уво и да го зголемам тонот на телевизорот кога ја слушнав темата - “Македонските деца се најсреќни во светот.” Добро. Убаво е да се слушне, секако. Како информација, звучи прекрасно. Би требало, нели, и да не смири податокот дека ваквиот рејтинг се должи на анкета спроведена на 50 000 деца од страна на реномирана британска организација, што упатува на заклучокот дека не е фингирана, како оној модел на кој сме свикнати и заради кој секојдневно сме подложени на убедување дека сме лидери, најдобри, први, ненадминати – никој како нас. Убаво е да се слушне дека нашите деца се посреќни од малите американчиња, на пример. Од французинчињата. Од германчињата. Од децата кои раснат во едни многу поуредени системи, во кои овие сега така среќни клинци заминат кога ќе пораснат. Веројатно да ги научат како е да се биде среќен. Нејсе.
Ги слушам критериумите кои се користени при анкетирањето: добро снаоѓање во околината, во семејството, во друштвото (веројатно се мисли на дружбата со врсниците), како и во поглед на училишните обврски. Ги слушам и гледачите кои изнесуваат свои ставови – едните, интересно, но побројните, се возбудени од најновата ни позиција во светот и енергично се залагаат на воспевање на успехот, оти, нели, до кога ќе плукаме по убавите нешта кои и се случуваат на оваа држава. Другите се рационални и поставуваат логични прашања кои држат вода, оти нема многу логика во ставот дека во тажен филм има среќни улоги, особено не во така масовни размери кои треба таквата приказна да ја преобразат во дејство со хепи дешавки. Интересни ми стојат и водителите на утринската програма, очигледно воодушевени од рејтингот на среќата. Слушам и не ми се верува. И јас имам логични прашања, особено откако на крајот на денот исполнет со среќа невидена излезе дека УНИЦЕФ кој беше споменуван како спроведувач на истражувањето, а кој многу бргу излезе со демант на веста, нема никаква врска со реномираната (?) Сhildrenssociety, која е добротворна организација поврзана со црквата и негува силни религиозни вредности. Пред се, прашањата можам да ги насочам кон одговорноста на медиумите кои во функција на проверената спин варијанта, без осет за одговорност кон аудиториумот ја пласираа веста и правеа напор да се создаде атмосфера за купување на време од некој ден и замајување на јавноста за да се избуткаат некои нешта кои можат само така да се третираат, како избуткани – ребаланс, палми, задолжувања.
Но нема да се задржам на оваа веќе силно етаблирана алатка за фрлање на прав во очи – сме ја виделе многупати, за различни потреби кога треба фокусот да се пренасочи и да се гледа во друга насока, а не во онаа која треба да предизвика осуда за она што се прави и досега, без исклучок дала резултат. Се чини дека спинувањето стекна станарско право во нашите домови и нема начин да го избркаме, со чест на исклучоците чиишто умови се уште можат самостојно да функционираат и да ги нарекуваат работите, и покрај се, со нивното вистинско име. Нема ни да прашам ќе понесат ли медиумите одговорност за пласирање невистини. Знам дека нема. Ќе се задржам на еден друг, многу поважен аспект, кој, искрено, ме загрижува. Се прашувам, слушајќи ги луѓето - апологети на апсурдната анкета, населени се чини,од онаа страна на реалноста, на која планета живеат.
Како се успеа да обневидат до толку да она што им е пред очи, да не го видат? Ги гледаат ли и слушаат своите деца? Што родители се гледачите кои така возбудено бранат нешто што се граничи со иронија, па дури и безобразно се караат со оној кој мисли поинаку? Па се и да не е нивното дете во прашање, не гледаат дека дете од 8 години има 29 часа неделно? Дека дете од 6 години носи ранец од 6 килограми и заработува сколиоза со која ќе се носи цел живот? Дека му го “реформираат” мозокот со невиден воспитно-образовен гаф бидејќи на возраст од 8 години треба да учи Њутнови закони, биологија, хемија, дропки, пред да научи како се држи молив? Кутрите среќни мали битија. Дека Кембриџ инстант се пресели во Македонија, кадешто учителките на забрзаните обуки цело лето кубат коси не затоа што не се способни да работат по наметната програма, туку затоа што се немоќно свесни дека ќе биде тешко и дека прават неправда. На децата. За нив, веќе одамна никој и не прашува. Ниту за нас во средното училиште, кај кои децата ќе дојдат за некоја година мразејќи го училиштето. Ниту за универзитетските професори, кај кои ќе стасаат со дискутабилни знаења. Ама среќни се, очигледно, додека ние се осудуваме меѓусебно кој е виновен што се неписмени.
Дали не знат дека се тоа деца на масата луѓе која се брои во стотици илјади - стечајните работници, на невработените, на оние кои работат во филмот “нема празник, нема делник” за мизерна плата, на оние кои јавно плачат секое утро, пази иронијата, на истиот оној медиум – ѕидот на плачот кој вчера ја глорифицираше земјата ни наша, во која децата се најсреќни на свет? Децата на оние кои не можат да им завиткаат сендвич за нашколо, затоа што тоа никој не го прави и другите деца ќе му се смеат, па колку и да нема, за детето ќе мора да најде? Децата на оние кои немаат време за нив, бидејќи се борат да ги нахранат? Децата на оние родители кои имаат се помалку воспитни аргументи кога си ги учат децата дека треба во животот да се чесни и со крената глава, за да спијат мирно – како, кога тие самите се загрижено будни баш затоа што се чесни? Децата на оние чиишто татковци се со години надвор од земјата? Оние деца чиишто професори немаат механизам со кој би им овозможиле да го чувствуваат училиштето како свој втор дом, во кој бесплатно и со сето срце се продава ум, бидејќи вредносните системи се превртени наопаку и тоа веќе не е можно? Оние се поретките кои вредно учат, а бргу се соочат со фактот дека живеат во земја во која е потешко да се биде писмен, отколку школуван и дека умот му е повеќе ценет надвор, отколку тука? Многу прашања. Малку одговори – вистински, сериозни, реални.
Така е тоа во земја во која среќата ја мерат среќните. Оние кои без пардон атакуваат врз умот на оние ја немаат среќата да се среќни.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*