Постојат околу нас некои очи полни со тага. Не ги забележуваме кога се разминуваме. Не не допира нивниот поглед на срна, вперен во нас како острица.
Постојат околу нас лица без лице, полни со бразди кои ги нацртал животот. Длабоки линии околу усните кои заборавиле да се смеат. Грло без глас.
Постојат околу нас жени зад самите себеси. Фатени во челуста на животот.
Самохрани мајки во битка за своите деца.
Немоќни мајки во борба за здравјето на своите деца.
Сопруги во сенка на својот човек, замолкнато го живеат своето парче битисување.
Сиромашни жени, во потрага по оброк во контејнерот, секое утро.
Работнички врзани за машина, секој ден во очајна борба да се додржат на нозе - за да останат врзани. За плата под човечко достоинство. Оти имаат деца за ранење.
Осамени жени, кои секое утро си ја испираат горчината од устата со парче надеж дека еден ден, од некаде сепак ќе се појави. Ќе дојде она што во животот го нарекуваат Подобро и го чекаат како топло изгрејсонце после дожд.
Оние жени кои газат низ животот како низ длабок снег за да си го дофатат парчето здив кои ги држи живи.
Оние жени кои ја живеат пролетта, а во нивното око остане да зрее парче зелено. Го живеат летото, а во душата им остане копнежот по црвените булки. Ја живеат есента, а на лицето им остане трага од сивиот здив на облаците. Ја живеат зимата, а во косите им остане снегулка, да ги бои цел живот.
Оние на кои денот не им се распукнува како бела чипка кога очи ќе отворат.
Осамени старици, мајки потпрени на својот бастум, со поглед вперен онаму каде веќе не можат да бидат. Во времето кога ги раснеле своите деца, кои денес не се со нив. Мирисаат на осамен босилек.
Оние кои знаат дека среќата им е составена од онолку делови колку што им недостасуваат.
Да. Постојат околу нас жени на кои забораваме.
Оние чиишто коси утре нема да се лелеат во бесниот ритам на музиката. Чиишто раце нема да го носат здивот на розите.
Оние на кои животот им трае без празници во името на жената. Оние на кои секој ден им е борба во нивно име.
Оние на кои празник им се вика Денот кога ќе можат да здивнат и да го почувствуваат во себе спокојот, достоинството и убавината на она што се - Жени. Мајки. Сопруги. Работнички.
Да ја живеат почитта која ја заслужуваат секој ден.
За нив пишувам денес. За нив се молам. За нив цртам роза.
Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*