Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од денеска стапуваат на сила новите мерки што Владата ги воведе на граничните премини за домашните и странски државјани.
За влез и за излез од земјава ќе се бара сертификат за извршена вакцинација односно примени две дози на вакцина, потврда за прележан ковид во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или негативен брз тест за антигени тела не постар од 48 часа. Сертификатот/потврдата не се однесуваат за лица под 18-годишна возраст.
На граѓаните кои ќе влезат во државата без ваква потврда или негативен ПЦР тест, ќе им се одреди мерка карантин од седум дена, со решение за домашна изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена ако во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивна сметка.
Исклучок од ова правило ќе бидат странските државјани кои транзитираат низ земјата, кои ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа, со претходно потпишана изјава на влез во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излез од земјата.