×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Перспективата на младите уметници во Македонија и Албанија: Творечката страст наспроти суровата реалност во уметничкиот свет

    02.06.2024 12:54 | KumanovoNews

    Младите визуелни уметници честопати се движат низ лавиринт од предизвици, додека се стремат да си го откријат своето место во енергичниот уметнички свет.

    Перспективата на младите уметници во Македонија и Албанија: Творечката страст наспроти суровата реалност во уметничкиот свет

    Поради недоволна  институционална поддршка и информации за пристап до финансирање, овие млади креативци се наоѓаат на крстопат помеѓу уметничкиот интегритет и комерцијалната  одржливост, водејќи битка да ја покажат својата работа  и да се стекнат со признание.

    Какви се можностите за младите уметници во Македонија и Албанија, можат ли да добијат соодветна наобразба, пристап до изложбените уметнички простори за да го претстават своето творештво и да градат сопствена кариера, дознаваме од перспективата на македонскот графичар и ликовен уметник Стефан Младеновски и  албанската мултимедијалната уметничка Редина Ќосе.

    Младеновски има само 28 години, а веќе е магистер по графика  и добитник на три национални награди. Своето образование го стекнува на ФЛУ во Скопје и досега реализирал 8 самостојни и над 30-тина групни изложби во земјава и странство. Важи за перспективен, атрактивен и талентиран автор, кој е дел од помладата генерација графичари во Македонија, а  од 2020 година е и член на ДЛУМ. Медиум преку кој може целосно да се изрази е хартијата, а и покрај тоа што е графичар во последно време се повеќе е посветен на цртежот, па дури и на сликарските техники.

    Младата Редина Ќосе од Албанија, пак, дипломира Мултимедија на Универзитетот за уметности во Тирана во 2019 година. Нејзината визуелната и концептуална уметност опфаќа различни медиуми - од  цртање, сликарство, фотографија, видео уметност, до перформанси и инсталација. Се стреми да создава дела што ја  предизвикуваат „статус кво“ состојбата  и кои поттикнуваат на размислување за начините на кои комуницираме и влијаеме еден на друг. До 2022 година е дел од организацијата Тек Бункери како менаџер на активности за уметност и творење, а моментално  продолжува со пракса во образованието во Центарот за уметност и креативност „Трекендор“ во Тирана.

    Како и за  многумина млади уметници,  и за нив  уметничкиот сон започнал инспиративно, но сега и двајцата признаваат дека патот до успехот е тежок и преполн со пречки - од пристапот до образование, обезбедување финансии до немилосрдното барање видливост на преполниот пазар. И двајцата се согласни дека и во двете земји постои јаз помеѓу уметничката заедница и државната поддршка за младите уметници. Но,  додека во Албанија  недостигот на соработка почнува уште од ограничениот пристап до квалитетно уметничко образование и менторство, па се до  недостатокот на финансии за соодветни програми  и уметнички проекти, во Македонија проблемот е најмногу фокусиран на административните бариери, малата  финансиска и организациска поддршка. Ќосе посочува на недостатокот на специјализирани уметнички училишта и институции што нудат сеопфатни уметнички програми, но Младеновски е задоволен од  квалитетот на образованието и  менторската поддршка во матичната земја кои многу му помогнале за оформување на неговиот личен ракопис. Единствена забелешка му е што како студент по графика дел од основните графички техники воопшто не било можно да се изучат поради недостаток на опрема и основни материјали.

    „Во мојот случај работите добро се склопија. Во средното образование имав  одлични професори од кои ги учев основите на струката и кои секогаш знаеја како да изградат однос со учениците.  За време на факултетските денови, пак, имав ментори со кои изградив одличен однос кој остана да трае, а чии насоки многу ми помогнаа да се остварам од авторски аспект“,појаснува Младеновски.

     Сепак, вели, ништо од ова не би било реалност доколку немал личен интерес да напредува и желба да  постигне личен израз. Главен предизвик, пак, со кој се соочил како млад уметник во Македонија , особено во однос на пристапот до квалитетни образовни и уметнички ресурси биле бирократските процедури.

    „Предизвик секогаш ми беше да се справам со тие куп документи, барања, пријави, особено за време на постдипломските студии, а потоа и кога конкурирав со проекти во министерството, за да разберам на крај дека не вреди трудот во однос на финансиите што ќе се добијат“, потенцира овој амбициозен уметник. 

    „ Но,  и покрај сето тоа,  продолжив со  активностите кои можат да донесат бенефит за една личност која се занимава строго со некаква уметност, па така оваа година првпат конкурирав за самостоен уметник и го добив тој статус“, вели Младеновски.

    Според него, токму овие проблеми се причина што дел од младите уметници  се откажуваат од својот уметнички сон,  а голем товар е и што авторот не е посветен единствено кон создавањето на делата, туку мора сам и да подготвува  изложби и да ги изменаџира и организира сите работи.  Од материјали, врамување, фотографирање на дела, подготовка/печатење на каталози и промотивни материјали, објави на социјални мрежи, транспорт и се останато...,  сето тоа поминува низ рацете на уметникот.

    Младеновски го иритираат и одредени состојби во македонските уметнички кругови.

    „Најлошото искуство ми е кога без најава ми ја скратија магистерската изложба поставена во Галеријата на ФЛУ за половина  од предвиденото времетраење, на самиот финиш после шест години поминати на факултетот“, се сеќава уметникот.

    За него е дискутабилно и тоа што се уште има случаи прво да се добие признание од надвор, па дури потоа кај нас да се вреднува делото на уметникот. Од друга страна, вели, има случаи кога кај нас доаѓаат сосема непознати и неквалитетни имиња од странство, а нам тоа знае да ни изгледа како  тој некој да е „Бог“.

    „Затоа, голем предизвик е да се остане истраен кога гледате какви работи се случуваат во круговите во кои движите и дејствувате, секаде се очигледни личните интереси на одредени поединци. Има многу негативни страни“, вели нашиот соговорник.

    И албанската уметничка Ќосе е разочарана од недоволната соработка на јавните институции со младите уметници. Според нејзино мислење  албанскиот систем за уметничко образование може да им даде поголема поддршка преку подобрување на инфраструктурата и ресурсите, вклучувајќи студиски простори и технологија, како и преку отворање поинтерактивни и современи наставни методи и неформални, неакадемски програми. 

    „Овие институции треба да бидат поотворени за културни и уметнички размени, обезбедувајќи им на студентите повеќе можности. Поттикнувањето на соработката помеѓу образовните институции, културните организации и индустријата, може да им обезбеди на студентите практично искуство и можности за вмрежување, подготвувајќи ги за нивните кариери во уметноста“, смета мултимедијалната уметничка.

    Бариерите со кои се среќаваат честопати ги ставаат младите уметници на крстопат, растргнати помеѓу потрагата по својата страст и суровата реалност на индустријата. Но, и покрај ограничувањата што им стојат на патот , како упорни личности тие продолжуваат, поттикнати од жестоката желба да остават свој белег на светската сцена.

    Младеновски релативно имал „среќа“ да му бидат отворени вратите на изложбени простори за што верува дека се должи на квалитетот кој како млад автор го покажал. Го истакнува Младинскиот културен центар во Скопје каде во тој период многу активно се организирале изложби на млади во кои и тој бил вклучен, а во 2029 и 2020 година овде ги организирал и своите две први самостојни изложби. Последните две изложби, пак, ги реализира во 2023 година  во Културно информативниот центар и Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје на кои бил поканет и тоа го смета за добар успех. Како еден од перспективните млади уметници кој успешно се етаблира  на македонската ликовна сцена веќе се пробива и во уметничките  средини во соседството. 

    „ Едно од последните пријатни искуства е престојот на уметничката резиденција во Косовска Митровица, организирана од приватниот културен центар „Акваријус“,  каде се претставив и со самостојна изложба. Имаше одлична организација и нови познанства од кои со сигурност во иднина ќе произлезе и нова соработка.“, објаснува Младеновски, кој од досегашното искуство забележува дека ликовната уметност таму за нијанса се става на повиско ниво.

      Она што и за двајцата уметници од Македонија и Албанија  е важно,  е да има што поголем број студиски размени, стипендии за престој во странство, одвојување реални средства за финансирање проекти, обезбедување изложбен простор, како и вмрежување со младите на меѓународната ументичка сцена. Спроред албанската уметничка Ќосе претставувањето на творештвото на глобалната сцена не само што ја зголемува публиката, туку и ве изложува на различни уметнички перспективи и влијанија, а истото го потврдува и Младеновски.

    „Добро е да се излезе надвор, да се промени средината, наидувате на различни критериуми и поголема конкурентност, а тоа води кон поголем личен развој. Овде имаме мала сцена, треба да се внимава авторот да не потпадне во монотонија“, вели Младеновски.

    И тој и Ќосе се согласни дека треба да се следат конкурси, повици за меѓународни биеналиња и триеналиња како начин за вмрежување, а со тоа и  нови можности. Како пример ги наведуваат соседните држави и регионот каде се одвојуваат солидни парични средства за наградниот фонд, додека кај нас, како што посочува Младеновски,  има неколку манифестации за графика,  но не постојат парични награди кои би биле од големо значење за  младите автори. 

    „Би било од сериозна помош кога би постоел државен објект со атељеа што би се доделувале на одредено користење на автори кои постигнале некаков успех или слично “,вели  нашиот уметник.

    Но, за разлика од него кој иднината ја гледа во својата земја, Ќосе, заради ограничените можности во Албанија, планира да продолжи со своето усовршување и творештво во странство.

    „Покрај соодветна образовна програма, еден од основните мотиви за усовршување  во странство е можноста да се нурнам во нова уметничка средина. Искусувањето на различни културни контексти, уметнички традиции и пристапи кон креативноста може значително да ја збогати мојата уметничка пракса“, вели Ќосе.

    Младеновски, пак, е упорен да опстои и да успее на македонската уметничка сцена, а потоа  надвор, и да дојде до сериозен пазар иако знае дека тоа е  комплицирано. Неговите авторски дела се повеќе се препознатливи во ликовната заедница, а на другите млади уметници им препорачува да препознаваат квалитет и неквалитет, да имаат конструктивен пристап и критичка мисла, како и сопствен став за да знаат да си го одбранат делото и никако да не потпаѓаат под погрешни влијанија. 

    Авторки:

    Жаклина Цветковска, Македонија

    Лауреша Баша, Албанија

    Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.