Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓаните како најголем виновник за застојот во процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија ги посочуваат опструкциите од соседните земји кои се членки на ЕУ, но има и такви кои сметаат дека државата не направила доволно во реформскиот процес. Ова доведува до пораст на поддршката за Евроазиска унија предводена од Русија, покажуваат двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, спроведени во ноември минатата година
Фото: vlada.mk
Пишува: Симона Атанасова
Иако 43 отсто од испитаниците ги обвинуваат опструкциите од соседните држави кои се членки на ЕУ за немањето напредок во пристапниот процес и за тоа зошто земјата не е членка на ЕУ, сепак над една третина од населението (34 отсто) проблемот го лоцира во неостварување на домашните реформи, што претставува зголемување од 15 отсто во споредба со 2020 година.
Истражувањата покажуваат дека ваквите податоци доведуваат до намалување на кредибилитетот на ЕУ во државата, како и до висок процент кај оние кои поддржуваат Евроазиска унија на чело со Русија.
Евроазиската Унија предводена од Русија, како алтернатива на членството во ЕУ е поддржана од една третина од испитаниците во истражувањето, додека противниците на таа алтернатива имаат стабилно мнозинство од 53 отсто. Се забележува разлика кај етничката припадност, па така високи 45 отсто од Македонците би поддржале членство во Евроазиска унија.
Во истражувањата се забележува дека ветото добиено од Бугарија се рефлектирало и на процесот на спроведувањето на реформи кај кој се констатира застој.
Внатрешните реформи насочени кон зголемување на демократизацијата и усогласувањето на националното законодавство со европското acquis беа речиси ставени во мирување. Еден од процесите што можеше да го донесе процесот на европеизација во државата беше планот „Европа дома“. Овој план предвидуваше реформи во областа на судството и владеењето на правото, јавната администрација, изборниот процес и климатските промени. Сепак, речиси девет месеци од неговото воведување, Владата не објави ниту една значајна активност што би значела успешно остварување на целите зацртани во планот, стои во анализата.
Апели за фокусирање на реформскиот процес деновиве (03.03.2022) пристигнаа и од Евроамбасадорот во ЕУ, Дејвид Гир и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер на прес-конференција во седиштето на ЕУ во Скопје пред неколку дена.
Амбасадорите порачаа дека реформите и преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжат, бидејќи тие се условот за членство во ЕУ и дека не треба да се прават споредби на ситуацијата меѓу Русија и Украина, со онаа на Северна Македонија и Бугарија, бидејќи станува збор за крајно различи ситуации.
Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи. Тоа веќе беше изразено од страна на сите европски лидери во Брдо и тоа е всушност клучната порака која што ние ја кажавме. Се разбира дека процесот на пристапување треба да биде испорака на реформи. Ова е тековен процес што ќе ја приближи земјата до ЕУ и тоа мора да продолжи, порачаа Гир и Бомгартнер.
Реформскиот процес кој треба да го спроведе државата во сите кластери од новата методологија за проширување, нашироко е објаснет во извештаите кои Европската комисија ги дава за напредокот на државата во нејзиниот пат кон Европската Унија. Во последниот Извештај објавен во октомври 2021 година се вели дека земјата треба да продолжува да одржува стабилно и одлучно темпо во унапредувањето на реформите на ЕУ, фокусирајќи се на кластерот Темели.
Нерешените билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија треба приоритетно да се решат. Властите во Северна Македонија продолжија јавно да ја покажуваат својата посветеност за напредок на патот кон ЕУ. Одложувањата на официјалното започнување на преговорите за пристапување имаат негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ. Владата работеше на реформската агенда на ЕУ и на справување со последиците од пандемијата на КОВИД-19. Треба да ја задржи реформската динамика и да се фокусира на спроведувањето на постојната правна рамка, наместо да започнува спорадични нови иницијативи. Навременото и суштинско спроведување на реформската агенда бара одржлива поддршка од општеството во целина, стои во Извештајот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар