Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Возобновување на производството на кривопаланечкиот симит и враќање на автентичниот вкус на овој уникатен бред е идејата на заедничката иницијатива покрената од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој е кривопаланчанин, градоначалникот на општината Сашко Митовски, локалната група на Слоу Фуд и семејството Стојковски, кое го има оригиналниот рецепт за производот по кој е познат кривопаланечкиот крај.
Кривопаланечкиот симит е репрезент на локалната традиција и идентитет, но и дел од културното наследство на населението, кое уште од турско време е препознатливо по уникатно приготвеното и обликувано лепче, кое се произведува единствено во Крива Паланка. Неговата тајна е во начинот на подготовка, со посебна маја од наут и оигинална рецептура, која засега ја има само кривопаланечкото фурнаџиско семејство Стојковски, кое од колено на колено ја пренесува 100-годишната традиција. За жал, тие пред повеќе години престанаа да произведуваат симит, а со тоа се изгуби и неговиот автентичен мирис и вкус. Сите обиди на другите фурнаџии беа само бледи копии на некогашниот симит чиј мирис се разлевање во мугрите низ кривопаланечката чаршија.
„Горд сум на кривопаланечкиот симит, препознатлив локален вкус кој доаѓа од местото од кое потекнувам и за кој дискутиравме да се внесе во Арката на вкусови, која ја подготвува Слоу Фуд Македонија. Со ова овозможуваме зачувување на начинот на подготовка на овој производ и активно придонесуваме за промоција на локалните квалитети и посебности, поттикнуваме развој на гастрономијата и туризмот и му обезбедуваме на светот една автентичност повеќе во светското мени на вкусови“, истакнува министерот Николовски.
Од Slow Food Macedonia велат дека локалните автентични производи се обележје на секое село и град и на луѓето кои ги произведуваат. Скоро секогаш суровините за производство на ваквите производи се исто така од локално потекло и од локални генетски ресурси. Овие производи се резултат на акумулираното знаење со генерации за нивно производство.
„Тие имаат потенцијал да ја стимулираат локалната економија, како и социјално и културно да ја обединат локалната заедница, што е една и од главните цели во делувањето на Слоу Фуд“, велат од организацијата.
Зачувувањето на традиционалните производи, особено кои имаат доловековна и повеќегенерациска вредност се обврска и за општината , која презема иницијатива и мерки за поддршка и промоција на своите автентични локални специјалитети.
„Со посебна љубов и обврска, со Слоу Фуд Македонија и министерот Николовски, започнуваме проект што вреди многу за нас и генерациите. Да го вратиме мирисот и вкусот во нашата стара чаршија, да помогнеме со сите мерки и програми и да го внесеме во меѓународните каталози за традиционални специјалитети. Општина Крива Паланка, заедно со Слоу Фуд, ќе се погрижи за неговата промоција со организирање на фестивал на паланечкиот симит“, како и учество и промоции на овој гастрономски бренд на национално и меѓународно ниво“, вели градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
„Една од првите задачи е да се запише „Паланечкиот симит“ во Арката на вкусови, светскиот каталог на прехранбени производи на Слоу Фуд на кои им се заканува опасност од исчезнување, потоа да работиме заедно со локалните фармери во обезбедување на основните суровини од локално потекло, обновување на производството со локалните фурнаџии, по што би се воспоставил и „Президиум на паланечкиот симит“, а истовремено и би се изготвил елаборат за добивање на заштитена ознака, заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, објаснуваат од Слоу Фуд Македонија.