×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Oтворена Европска куќа во Крива Паланка

    18.02.2021 17:51 | KumanovoNews

    Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, со симболично предавање на европскиот клуч на младите, официјално ја отвори Европската куќа во Крива Паланка. На  свеченоста присуствуваше и претседателот на државата Стево Пендаровски.

    Oтворена Европска куќа во Крива Паланка

    Европска куќа е простор каде младите ќе можат да се дружат, да учат, да се информираат и да ги споделуват свои ставови и размислувања, да дискутираат, да промовираат иновации и претприемачки иницијативи, да организираат разни културни настани, а во функција на промоција на европските вредности.

    По Европската куќа во седиштето на делегацијата на ЕУ во Скопје, ова е прва европска куќа што се отвора во внатрешноста, а идната недела ќе биде отворена и Европска куќа во Струмица.

    „На отворањето на Европската куќа во Скопје, во ноември 2019 година, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли упати порака до младите дека таа е место каде ќе се собираат, разменуваат идеи, ќе се поврзуваат и ќе креираат можности за себе и за државата.Истата порака ја пренесувам и јас и нашиот план е да продолжиме да го шириме брендот на ЕУ“, подвлече Гир.

    Тој потенцираше дека идејата за отворање на европската куќа произлегла од дебатите со средношколците во Македонија, а нивна заложба е да ги охрабрат младите повеќе да се ангажираат во обликување на европската иднина на земјата.

    „Охрабрен сум од бројните идеи на младите. ЕУ ви дава место за форум кое треба да го искористите за ваш удел во реформскиот процес на земјата, но и за иднината на ЕУ“, рече Гир.

    Претседателот Пендаровски истакна дека е многу важно да се слушне размислувањето на младите во локален и регионален контекст, но и во предлагањето на решенија.

    „Младите во нашата земја се исправени пред сериозни предизвици за кои треба континуирана поддршка од државата, и тоа со конкретна акција, а не само на зборови. Невработеноста, младинската сиромаштија и недоволното учество во одлучувачките процеси ги води младите во апатичност. Наша основна задача е да работиме деноноќно тоа чувство на разочараност од домашните економски и политички трендови да не бидат мотив за нивно напуштање на државата. Треба да ја градиме довербата на младите во институциите и да ја зајакнеме нивната позиција во општеството“, порача Пендаровски.

    Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мецевски, се заблагодари на поддршката на ЕУ, истакнувајќи дека општината е лидер во регионот по искористување на расположивите европски фондови. Тој изрази надеж дека воспоставената соработка со Ерван Фуере и прогласувањето на Самуел Жбогар за прв почесен граѓанин на Крива Паланка се добри предуслови и во новиот амбасадор да најдат поддржувач и пријател.

    На прашањето на Кумановоњуз за неговиот впечаток за евроинтегративниот процес, но и за политичката состојба во земјата и справувањето со корупцијата, Гир не го криеше задоволството дека е импресиониран од силната посветеност на сите чинители во земјатата.

    „Многу е важно оваа посветеност да продолжи, ако сакаме прогрес на реформите, што е во интерес на сите граѓани. Колку побргу овој клучен процес оди напред, толку побргу и вашата земја ќе стане дел од ЕУ“, рече Гир.

    (Ж.Цветковска)