Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Првопласираната екипа во Општинската фудбалска лига ФК Македонија Агино од Агино село во изминатиот период трпи непотребни санкции од одговорните луѓе во локалниот фудбалски сојуз, обвинува управата на клубот.
Претседател на клубот, Александар Ѓошевски вели дека на крајот на минатата сезона не им било дозволено да се напреваруваат во разигрувањето со скопските екипи, па така ја пропуштиле шансата за влез во Третата македонска фудбалска лига. Со почетокот на новата фудбалска сезона повторно се соочуваат со опструкции, за кои сметаат дека се тенденциозни.
„Општинскиот фудбалски сојуз за едни е мајка, за други маќеа. Не ни дозволуваат да се играат натпревари на наш терен затоа што сме немале услови, иако знаат дека зградата наменета за соблекувална е во изградба, а за потребите користиме помошна просторија. Тоа е моментално решение, но врши работата засега“, изјави Ѓошевски.
Тој тврди дека ниту едно игралиште на сите 15 тима во кумановската лига не ги исполнуваат стандардите, но само тие добиле забрана да не играат на домашен терен. Според него, оградата околу теренот во Агино село е со пропишаната висина од 2 метри, а плановите за новата соблекувална покажуваат дека се гради современ и стандардизиран објект.
„Игравме во Костурник, таму оградата е 70 см, но за нив нема забелешки и опструкции. Нас не ни дозволуваат додека не ја изградиме соблекувалната. Работите се во тек, градиме модерен објект во кој ќе има и тушеви за играчите, но се нема трпение да го завршиме проектот и разбирање за нашите проблеми“, посочува Ѓошевски.
ФК Македонија Агино тврди дека има масовно излегување од ингеренциите на комисиите при ОФС, дека се носат селективни одлуки, се избегнува состанок за состојбата на терените на екипите во ОФЛ, иако тоа е заеднички став и одлука на сите екипи.
Општинскиот фудбалски сојуз, пак, ги отфрлаат обвинувањата и прозивките на ФК Македонија Агино.
„Во последниве три години повеќе пати се испратени дописи и мејлови до управата на клубот, во која се бара да ги обезбедат пропишаните услови за играчите. Во 21-ви век не може да се игра на неограден терен, а опремата на играчите да им кисне во т.н. „соблекувална“ доколку заврне дожд. Имаат можност да пријават и заменски терен, кој ќе ги задоволи условите, но и тоа не е направено“, изјави Борче Лазаревски,претседател на Општинскиот фудбалски сојуз.
ФК Македонија Агино е формиран во 1959 година, и има 64-годишна натпреварувачка традиција.