Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Запрен е победничкиот чекор на нашата кадетска репрезентација на ЕП во Букурешт. Подобри од нашите кадети беа оние на Белгија кои ги искористија сите слабости на нашиот тим, победија со (59:49) и го заземаа првото место во групата "Б".
Иако имаме идентичен број на бодови, поради оваа победа во меѓусебниот дуел, Белгијците носат голем плус од два бода во новоформираната група "Е". Токму за оваа не баш мала предност се бореа и двете екипи во овој решавачки дуел за првата позиција. И по тоа како шутираа се гледа дека нашите момчиња беа преимпресионирани од можноста која со себе ја носи еден ваков резултат. Како пладневниот термин да им ги "отсече" рацете на нашите млади кошаркари кои никако не можеа да се препознаат, особено во шутерските активности.
Сето тоа, поврзано со очајно слабиот почеток, во кој на противникот му дозволивме да поведе со (15:4), а четвртината да ја затвори со (22:13) резултираше со лошо шутерско расположение кај македонските кадети.
Ако една вечер пред тоа, "уфрлија" дури 89 поени, нецел ден подоцна, "се симна" на бројката од скромни 49. поени. Или дури 40. помалку, што го генерира нашиот основен проблем, офанзивниот.
Во една такво "расположение" одиграа и двајцата најдобри наши играчи. Долго време и Магдевски и Николов го бараа шутот. Но не го пронајдоа. Постојано бевме зад Белгијците, никако не успевавме да го направиме тој исчекор напред.
Работата им беше отежната од причина што овој пат како да ги "немаше" ниту Цветковски, ниту Двојаковски. Без Бакоч, кој не можеше да помогне, ниту неговиот заменик на центар, Шалев, беше уште потешко против агресивните бекови на противникот. Кога видовме дека не може со напад, нашите момчиња притиснаа во одбраната, особено во онаа втора четвртина во која повеќе од осум минути не дозволија да примат кош. Но, на другата страна од теренот реализираа само 11, доволно за две израмнувања (22:22) и (24:24), но и заостанување од два поени (24:26), на одморот.
Се мачевме во нападот и во наредните десет минути во кои ниту една од екипите не направи нова, конкретна предност, па со (40:43) се влезе во четвртината на одлука.
Кога Магдевски "излезе" од сивилото и погоди за (39:40), помисливме дека е време за пресврт. Но се случи со сема спротивното. Белгија направи серија од (10-0), доволна за (50:39) на нецели четири минути пред крајот, и практично тука некаде беше крајот на нашите надевања.
Но кога не оди, не оди... пробаа Магдевски и Николов да поправаат, но време за тоа немаше, затоа што слабата реализација е еднаква на прв пораз и второ место.
Магдевски дојде до 20. поени и 15. скока, но со 10% во шутот за три (1/10). Ништо подобар не беше ниту Николов со оние 4/13 од поле, кои му донесоа 17. поени. Впрочем на крајот имаме само 12.5% во шутот од далечина (3/24), и 30.6% од дистанца (11/36), плус 16 загубени топки, проблематичниот и послаб скок (39 спрема 48). Доволни причини за непланираниот неуспех, кој води кон потешкиот пат и до местата кои носат во полуфиналето.