Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бразилецот од редовите на Кливленд по одличниот старт на сезоната прво го повреди коленото, а потоа му беше откриено и згрутчување на крвта во десното белодробно крило поради што по само 25 настапи мораше да стави предвремен крај на својата девета НБА сезона.
Центарот на Кавси сè до повредата на коленото, на која се пожали по дуелот со Торонто одигран на 18. декември, беше водечки скокач во лигата со својот просек од 14.4 скокови по натпревар.
Тогаш од таборот на Кливленд најавија дека Бразилецот мора на операција поради која ќе паузира околу два месеци, но потоа уследија два нови малери за Андерсон Варежао по што тој мораше да стави предвремен крај на својата рекордна сезона.
По операцијата кај центарот беше откриено напукнување на квадрицепсот во близината на коленото, за што исто така му беше извршен помал хируршки зафат. Проблемите за Варежао продолжија минатиот четврток кога тој беше примен во болница поради згрутчување на крвта во десното белодробно крило, пореметување за кое тој сега е на лекови за разретчување на крвта. Терапија која ќе трае во следните три месеци.
Таквата влошена здравствена состојба на центарот значи и крај на сезоната во која тој имаше најдобри во кариерата 14.1 поени по натпревар и најдобри во лигата 14.4 скокови во своите 25 настапи.
Ова е уште еден голем малер за Варежао кој минатата сезона поради скршениот рачен зглоб одигра исто така само 25 натпревари, додека сезоната пред таа поради повреда имаше 31 настап.