Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонската ракометна репрезентација со убедлива победа ги почна квалификациите за Европското првенство што во 2014 година ќе се одржи во Данска.
Македонија, вчера во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ја порази Швајцарија со 30:24, триумф за освојување на првите три бодови во групата 1.
Македонија веќе во 15-тата минута имаше водство од четири голови разлика (7:3) најмногу по заслуга на пикерот Стојанче Стоилов за кого противничката одбрана немаше решение како да го задржи на линијата од шест метри, а на македонскиот гол како одлична замена за суспендираниот Борко Ристовски се покажа Никола Митревски. Предноста од четири голови од 15-тата, во 28-та минута беше дуплирана на осум голови (16:8), за на полувреме да се оди со резултат 17:9.
И во почетните минути од вториот дел избраниците на Ѕвонко Шундовски продолжија со максимално залагање. Во 37-та минута Македонија за првпат дојде до двоцифрена предност од 10 голови кога резултатот беше 22:12. Македонците имаа и плус 13, но гостите во последните 15 минути успеаја да ја преполовата нашата предност и да стигнат до минус шест.
Најефикасни кај „црвено – жолтите“ беа Стоилов со шест, Кире Лазаров со пет и Дејан Манасков и Филип Миркуловски со по четири голови. На голот се истакна Митревски со вкупно 15 одбранети удари.
Ова беше трет меѓусебен натпревар на овие две репрезентации во евроквалификации. Швајцарците во 2004 двапати ја совладаа Македонија, на домашен терен со 34:30, а во Кавадарци со 31:24.
Во другиот натпревар од оваа група утре играат Шпанија – Португалија.
Следниот дуел Македонија во квалификациите за ЕП, ќе го одигра в недела на гостински терен против Португалија.