×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • По 13 години КК Куманово испадна од Првата лига, откако остана без пари поради кавги меѓу управата и општинските власти

    08.05.2023 09:08 | Оливера Пешевска

     Кошаркарскиот клуб Куманово во новата сезона ќе игра во Втората кошаркарска лига, откако на последниот клучен натпревар претрпе пораз.  Ваквата разврска беше очекувана, бидејќи е директна последица на несогласувањата помеѓу управата и општинските власти околу финсирањето на клубот. 

    По 13 години КК Куманово испадна од Првата лига, откако остана без пари поради кавги меѓу управата и општинските власти Фото: Screenshot - Youtube

    Од клубот велат дека во последните три месеци никој не ги посетил, а барања на играчите и стручниот штаб за исплата на заостанатите плати и создавање на елементарни услови за тренирање и настапи, ги игнорирале.

     „Излеговме со јавна изјава дека ќе го бојкотираме првенството, но попуштивме и решивме да настапиме на сите натпревари, во име на градот и клубот кој го носи неговото име. Револтот на играчите е голем, дел од нив седеа на клупа, одбиваа да играат, а јас не можам да ги натерам кога знам дека седум месец не им е исплатена плата“, изјави Игор Ѓорѓиевски, тренер.

    Тој смета дека имале капацитет за многу подобар резултат, но кошаркарите се лути, бидејќи од свои пари плаќаат автобуски билети, сами обезбедуваат вода за натпреварите, како за нив така и за гостинските екипи.

    Во последните 4 месеци на сметката на КК Куманово не е исплатен ниту денар од Општинскиот сојуз на спортови Куманово(ОССК).

    „Во координација со Секторот за култура и спорт и градоначалникот правиме листа на приоритети и по тој редослед вршиме исплата на сметка на клубовите“, кажа Филип Колевски, претседател на Сојуз на спортови на Куманово.

    Во годишната програма на ОССК (Службен гласник на Општина Куманово бр 16/2022 година) стои дека Советот изгласал програма во која на овој клуб му следуваат 1,5 милиони денари за натпреварување во Првата кошаркарска лига.

    Согласно Законот за спорт сите клубови, без оглед на спортот со кој се занимаваат, а настапуваат во највисокиот ранг на натпреварувања во сениорска конкуренција мора да се регистрираат како акционерски друштва согласно Законот за трговски друштва.
          
    Поради тоа, градоначалникот смета дека не треба да се трошат општински пари за приватни клубови и решавање на нивните проблеми.

    „Зошто клубот е во лоша финасиска состојба и не може да ги исплати ни основните договори на играчите треба да се праша раководствот на клубот, почнувајќи од претседателот на клубот до сите членови на управниот одбор. Општина Куманово не е сопственик на овој клуб, КК Куманово е приватен субјект, акцинонерско друштво“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

    КК Куманово е во сопственост на фирмата „Оли-травел“, а во управaта на клубот се: Виктор Божиновски, иѕвршен директот, Александар Крстевски, Ненад Стојановски,  Оливер Стефановски, Александар Владевски - одбор на директори, спортски директор до 2020 година бил Дарко Петковски - Спејко, а сега е на позиција технички раководител. Александар Крстевски пред неколку недели поднел оставка на функцијата, но таа уште не е прифатена бидејќи треба да ја разгледа Собранието на клубот.    

    КК Куманово од пререгистрацијата во 2009 до сега, на два пати бил вице-шампион на Македонија, играл финале на Куп и финале на Балканска лига. Во последниве неколку години како да беше „пуштен низ вода“ и започна слободниот пад на квалитетот и успесите, што директно се одразуваше на пласманот на кошаркарите на табелата.

    Кошарката беше најпопуларен спорт во градот и секогаш ја полнеше Спортската сала до последно место. Првенството во Првата кошаркарска лига не е завршено, но по поразот од екипата на „Чаир 2030“ на четири кола пред крајот на плеј-аутот Куманово ги загуби сите шанси да биде дел од најдобрите македонски клубови идната сезона.