Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во просториите на општина Куманово денеска беа потпишани договори со тековните и неколку нови играчи кои ќе бидат засилување на тимот на РК“Куманово“.
И оваа година на наше големо задоволство најголемиот ракометар во Македонија на сите времиња Пепи Манасков останува и оваа сезона тренер на РК“Куманово“, потпомогнат со нашите кумановски легенди Горан Миладиновски и Антонио Ивановски кои што ќе работат заедно во стручниот дел на подготовка на нашиот клуб. Сакам да ја информирам кумановската јавност дека дел од старите играчи остануваат, тука е капитенот Љубиша Димковски и младиот Давид Кузмановски - рече Мартин Костовски, претседател на клубот.
Кон тимот се приклучуваат Горан Димитровски кој доаѓа од Струга и ќе игра на бековската позиција. Игор Павловски од клубот “Овчеполе“ Свети Николе ќе биде на пикерската позиција. Младиот Петар Николиќ од екипата на “Тинекс Пролет“ ќе игра десно крило. Во август почнуваат подготовките во Куманово, но и во соседна Србија. Сеуште не се знае кој ќе биде првиот противник со кој тимот ќе се соочи на европскиот куп.
Сигурно составот ќе претрпи одредени измени. Како што кажа и претседателот во најава има едно пет - шест имиња кои следната сезона ќе го носат дресот на РК “Куманово“. Подготовките се закажни за 1 август. Првиот дел ќе го одработиме во Куманово, првите две недели. Закажани се подготовки со контролни натпревари во Србија. Таму ќе останеме најверојатно седум до десет дена. Потоа се враќаме во Куманово и сигурно ќе одиграме уште три - четири пријателски натпревари се до почетокот на првото коло во купот на ИХФ - изјави тренерот Пепи Манасков.
Манасков истакна дека третото место на домашното првенство за нив е успех. Тој се надева на масовна посетеност на натпреварите кои следат.