Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Најдобриот среден бек во Европа, српската ракометарка Андреа Лекиќ и најдоброто европско десно крило, Црногорката Јованка Радичевиќ, потпишаа договор со ЖРК Вардар СЦБТ за сезоната 2013/2014, со отворена можност соработката да биде продолжена за уште една сезона, соопштуваат од клубот.
Со овие две врвни ракометарки добиваме екстра квалитетни засилувања и се комплетира мозаикот за европски конкурентен Вардара СЦБТ. Ова се две од најдобрите седум ракометарки во Европа, од ол-стар тимот на ЕП 2012. Се надеваме дека успешната серија на двете извонредни ракометарки ќе продолжи и со нашата екипа, истакнуваат од Вардар СЦБТ.
Лекиќ важи за еден од најдобрите средни бекови во Европа. Таа е лидер и најдобар стрелец во репрезентацијата на Србија. Со 33 гола, Лекиќ беше прв стрлец на Србија на ЕП 2012 и ја предводеше својата селекција која го освои 4.место на овој шампионат.
Мило ми е што ќе бидам дел од овој нов проект на Вардар. Ова е еден голем предизвик за мене. Се надевам дека веќе во наредната година ќе се покажат резултатите и ќе се подигне нивото на македонскиот женски ракомет како што беше пред десетина години. Знам дека Македонија го сака ракометот и има прекрасна публика, можев тоа да го видам на Европското првенство во Србија, изјави Лекиќ.
Радичевиќ, пак, со репрезентацијата на Црна Гора ја освои шампионската титула на ЕП 2012 во Србија и на олимпиското сребро од Лондон, додаде и европско злато. На ЕП во Србија, Радичевиќ постигна 40 гола и беше втор стрелец во редовите на европскиот шампион.
Секогаш сакам нови предизвици во спортот, сакам да пробам нешто ново и да видам како ќе биде. Вардар е екипа што има големи амбиции и сакам да се вклопам во тоа, да покажам што знам и да успееме - вели Радичевиќ.