Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Учесниците во Народно-ослоботителната борба се разочарани од односот на државните и локалните институции кон културно-историските обележја во градот.
Тие велат дека на прсти можат да се избројат споменици од НОБ во кумановско кои се во добра состојба, додека повеќето се целосно распаднати и запуштени.
Имаме 74 споменици и спомен обележја во Куманово и кумановско. Пред 3 години комисија ги обиколи, направи записник и ја констатира состојбата. На спомен обележјата плочите се турнати во поголем дел, а спомениците се во фаза на распаѓање. Многу малку се одвојува за спомениците, скоро никакви средства да нема за оваа намена. Вложува напори градоначалникот за Спомен костурница и тој изврши поправка бидејќи имаше некои оштетувања - изјави Спирко Зафировски, член на претседателство на Сојуз на борци Куманово.
Конзерваторите велат дека спомениците ги уништуваат луѓето, но и временските услови и годините. Колку време ќе издржи еден споменик без да се поправа пред се зависи од тоа колку квалитетно е направен.
За нивната издржливост важни се: начин на изработка, дали е бронза, легура, каде е поставен, надворешни влијанија, патина благородна или неблагородна која влијае врз тој материјал. Промените на временски услови, кај нас летата се топли, зимите се студени. Но ако е добар материјалот, ако се работи за добра подготовка, нема да има проблем. Кај нас мислам дека спомениците се во ред, но не треба тука да се застане. Мора општината или државата делот околу спомениците да го реновира и одржува подобро - објаснува Дејан Божиновски, конзерватор во НУ Музеј Куманово.
Историчарите се категорични дека спомениците се сведоци на одреден временски период и како такви мора да се сочуваат. Тие се многу важен белег за еден народ и за една држава.
Ако тргнеме по хронологија луѓето се бореле дури и ги дале животите за ние да живееме во оваа демократија. Спомениците се одлика на еден период во кој луѓето живееле, и се бореле за поубаво утре. - вели Јасминка Љомова, професор по историја во ОУ„Вук Караџиќ“.
Таа вели дека често со учениците ги посетуваат историските споменици лоцирани во близина на градот и практикуваат да оддржат историски час. Секоја година на 20 април прогласен за Ден на заштита на историски споменици историчарите од градот се организираат, прават презентации на спомениците за да ја потенцираат нивната важност.
Спомен костурницата неколкупати беше на мета на вандалите. Последен пат во август 2011 година имаше оштетувања на мермерните плочи на платото и на гробниците. Постарите граѓани паметат дека пред две децении околу споменикот имало зелени и цветни површини.