Мени

Гимнастичарите на „Атлета“ со одлични резултати - 14 медали на Државното првенство во Скопје

19.11.2025 11:16 | KumanovoNews

Гимнастичарите од Спортскиот клуб „Атлета“ Куманово постигнаа одлични резултати на Државното првенство во А и Б програма, во машка и женска конкуренција, кое се одржа во Скопје.

 

Гимнастичарите на „Атлета“ со одлични резултати - 14 медали на Државното првенство во Скопје

Во силна конкуренција од над 160 натпреварувачи од целата држава, клубот настапи со 28 спортисти – 13 во машка и 15 во женска конкуренција. При тоа освои: две златни,  три сребрени и пет бронзени  медали во поединечна конкуренција. Додека екипно два златни и две сребрени медали.

Во А-програма, машки – поединечно: Калин Илијевски освои второ место (постари пионери), Бојан Христовски второ место (помлади пионери), а Даме Јаневски трето место (помлади пионери).

Во Б-програма, машки – поединечно: Јаков Стојановски освои прво место (постари пионери), Михаил Додевски второ место (постари пионери), Георгиј Мартиновски трето место (постари пионери), а Илијан Стојановски трето место (помлади пионери).

Екипно, екипата Милош Јовановиќ и Калин Илијевски освои второ место. Екипно прво место до 9 години освоија: Алексеј Станковски, Илијан Стојановски, Лазар Ѓоргиевски, Симон Петковски, Урош Радевски и Ангел Трајковски, информира тренерот Филип Миленковски.

Успехот не изостана ниту во женска конкуренција.

„Во женска Б-програма – поединечно, категорија помлади пионерки: Инес Мишевска освои второ место, а Кирјана Крстевска прво место (до 7 години). Анисија Станојковска освои второ место во конкуренција деца до 7 години. Екипно второ место во категорија постари пионерки освоија: Сара Мишиќ, Лена Трајковска, Ања Ристевска, Ива Тодоровска и Лана Богдановиќ. Екипно прво место до 7 години освоија: Кирјана Крстевска, Анисија Станојковска, Софија Цеков, Софија Николовска, Изабела Цветковиќ и Леона Попов, соопшти тренерот Никола Златановски.

Тренерите велат дека постигнатиот успех им е особено значаен, дава дополнителна самодоверба и мотивација за нови предизвици.

„За нас како клуб ова претставува голема мотивација да продолжиме да се бориме и да напредуваме. Планираме учество на уште повеќе натпревари, меѓународни турнири и унапредување на тренинг-програмите. Целта ни е да продолжиме да растеме и да создадеме генерации успешни и среќни млади спортисти. Најважно ни е да изградиме здрави спортски навики и самодоверба кај секој член. Како клуб упатуваме иницијатива до Општината да изнајде соодветно решение за изградба или адаптација на простор за гимнастичка сала. Веруваме дека ваквата инвестиција ќе придонесе за унапредување на спортот и долгорочни бенефити за целата заедница“, изјави тренерот Миленковски.