Мени

Пожарникарите извлекоа двајца заглавени во кола во излеаната вода на река Пчиња во бањата Стрновац

19.11.2025 13:02 | Сузана Николиќ

Автомобил во кој се наоѓале две лица заглавил во надојдените води на реката Пчиња, поради што во спасувањето учествувала Противпожарната служба на Старо Нагоричане. 

 

Пожарникарите извлекоа двајца заглавени во кола во излеаната вода на река Пчиња во бањата Стрновац

Според пожарникарите, инцидентот се случил утринава околу 7 часот, покрај безенот со минерална топла вода во селото Стрновац, каде што две повозрасни лица од Куманово дошле да се капат. Во меѓувреме надошла водата од реката која се излеала од коритото, и го поплавила патот, а дополнително им се расипал автомобилот и не можеле да заминат.

„Во 07:35 часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во с. Стрновац, Општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња, ТППЕ Старо Нагоричане интервенираше со едно возило и двајца пожарникари“, објави локалната противпожарна служба.

Пожарникарите апелираат до жителите на Општина Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на река Пчиња, а доколку забележат лице во опасност од временските услови да се јават на телефонските броеви: 031- 495- 666 или 112. Тие кажуваат дека водостојот на Пчиња е доста голем, и дека е поплавен поголемиот дел по нејзиното течение во Стрновац и околните села, по обилните врнежи на дожд кои не престануваат од вчера.

Управата за хидрометеоролошки работи, информираше дека водостојот на река Пчиња кај Пелинце, утрово е 120 сантиметри, вчера бил 18 што е значително повисоко со тенденција за пораст и три пати поввисоко од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметри.