×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Црквата во Матејче ќе се покрива со византски тип ќерамиди за да не ги украдат пак оловните плочи

    30.12.2024 09:52 | Сузана Николиќ

    Кровот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче, во Општина Липково, ќе се покрива со византски тип ќерамиди, откако пред две години вандали ги украдоа плочите од олово од кровната површина и на првата платформа над вратите.

    Црквата во Матејче ќе се покрива со византски тип ќерамиди за да не ги украдат пак оловните плочи

    Ова го најави директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџи-Пецова, која заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, беа во посета на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане.

    Хаџи-Пецова вели дека ваквата одлука била донесена во консултација со колеги експерти, откако дошле до заклучок дека ако повторно биде покриена црквата со оловен покривач, не значи дека пак нема да биде украден.

    „Матејче беше предмет на вандализам, пред неколку години кога беше украден оловниот покрив, предходно имаше превентивно покривање на куполните површини со хидроизолационен материјал. Овде не е проблем само со покривањето на црквата, туку функционалноста на целиот комплекс, физички е деградиран, односно не е ревитализиран, нема функција, осамен е во планината и исклучен е од секаков вид активност. Во најкраток период ќе се изработи проект за препокривање со византиски тип ќерамиди на целата површина, а предвидена е и реализација. Еден од приоритетите покрај Старо Нагоричане е и црквата ‘Пресвета Богородица’ во манастирот Матејче“, кажа Хаџи-Пецова.

     Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче е изградена во 1362, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14. век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите.

    Црквата во Матејче е еден од најзначајните објекти во Македонија и нејзината грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. Меѓутоа, црквата се ноаѓа во очајна состојба откако во неа беше сместен штабот на УЧК во 2001. Во воениот конфликт голем дел од црквата беше уништен, фреските оштетени, а одмаралиштето разурнато и запалено.

    Пред неколку години црквата беше прогласена за културно наследтво во опасност и имаше најава од тогашната министерка Ирена Стефоска дека ќе се заштити од целосно пропаѓање, но досега не е преземено ништо.

    Статус „добро во опасност“ значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот.

    Во 2021, Министерството за култура за проекти од национален интерес во областа на недвижно културно наследство во програмата културно наследство во опасност, спроведе проект во висина од еден милион денари за интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата и реконструкција на камбанаријата.