Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Планинарите од Спортско рекреативниот клуб “Козјак“ се најчести посетители на планинарски домови, а поретко во овие природни убавини уживаат и извидниците. За разлика од нив граѓаните немаат навика да одмараат на планина.
Од некогашните три планинарски домови во Малотино, Дејловце и Длабочица, кои се лоцирани на 800 метри надморска височина, само еден е функционален. Планинарскиот дом во Длабочица располага со 15 легла, кујна, трпезарија, огревно дрво и таму се реализира планинарска школа. Домот во Малотино изгоре, а во Дејловце тече кровот, поради што нема услови за престој.
- Сите три дома се на планината Којзак. Во сите три дома се направени безброј планинарски акции, школи, меморијали, посетени од сите клубови од Македонија, Србија, Бугарија, Словенија. Сега на располагање е само домот во Длабочица за сите планинари и граѓани на Македонија. Домот е отворен секој викенд, а во вторник се оддредува дежурен планинар. Ова е најмасовниот клуб во земјава и брои 57 активни членови - изјави Мартин Величковски, секретар на Спортско рекреативен клуб “Козјак“.
Планинарскиот дом во селото Длабочица е најоддалечен и се наоѓа на 44 км од Куманово. Друштвото има лиценциран водач за планини. Слаѓан Станковиќ од извидничкиот одред “Скаут“ вели дека неколку пати годишно го посетуваат домот во Длабочица, и порачува младите наместо да губат време на социјалните мрежи да шетаат во природа.
- Престојуваат наши извидници од 25 до 35 во домот и организираме семинари, на кои викаме странски предавачи или предавачи од наши редови. Дали 5 отсто од младите ги посетиле нашите планини. Таму може да видат срни, дивеч, растенија за кои не се свесни дека ги има. Добро е што нема инфраструктура, тоа е мое мислење. Има превоз до Арбанашко, а од тука се оди час и половина пеш. Тоа не треба да претставува проблем за млади луѓе. Во тој простор од дрво, кога ќе се запали оган, ќе се почувствува мирисот на снег, тоа не може да се опише, треба да се доживее - раскажува Станковиќ.
Тој смета дека доколку се направи асфалт до таму, ќе почнат луѓето да ги сечат шумите и да ги искористуваат прекумерно природните богатства.