Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Решавање на сообраќајниот метеж, воведување локален јавен превоз, селекција на отпадот, изградба на комунална инфраструктура поддршка за младите и ревитализација на месните заедници се клучни приоритети за граѓаните на Крива Паланка, идентификувани во рамките на Форумот за граѓански дијалог.
На јавната дебата, организирана од РЦС Спектар, на која се дискутираше за реализација на овие клучни проблеми, граѓаните се согласија дека општината делумно ги реализирала нивните приоритети преку повеќе активности, но дека се потребни поголеми заложби и вложувања за одредени предизвици.
Така, наспроти системските решенија за сообраќајниот метеж и локалниот јавен превоз, граѓаните побараа поефективни мерки за селекција на отпадот, поголема поддршка за младите, особено за намалување на невработеноста и миграцијата, како и функционалност на месните задници.
Овие клучни приоритети се дефинирани во Меморандумот за соработка 2023-2025, потпишан помеѓу РЦС Спектар и градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски.
Учесниците на дебатата беа информирани и за реализација на граѓанските предлози за 2024 година кои произлегоа од буџетскиот форум организиран од општината, како и за новите 45 предлози кои се прифатени во годишните програми за 2025 година.
Исто така, тие се согласија дека пред локалните избори во 2025 година е потребно да се организираат повеќе јавни дебати и консултации за да добијат граѓаните јасна слика за програмите на кандидатите и да одлучат кому да му ја дадат довербата.
Јавната дебата е дел од проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“,кој го спроведува НВО Инфоцентар во соработка со повеќе локални граѓански организации, поддржан од Меѓународниот центар Олаф Палме Шведска.