×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановката Ангела Стојановска дел од тимот на првата аудио библиотека Самоглас

    30.01.2020 12:55 | KumanovoNews

     Со Самоглас си го најдов местото кое ме прави среќна и исполнета, вели кумановската Ангела Стојановска, која е дел од тимот на првата платформа за бесплатно пласирање на аудио книги на македонски јазик наменета за млади и деца.

    Кумановката Ангела Стојановска дел од тимот на првата аудио библиотека Самоглас

    Оваа платформа претставува веб апликација за пристап до аудио библиотека, чија намена не е само за оние кои сакаат да слушаат аудио книги, туку и за оние на кои им е потребно, односно лицата со инвалидност, слепите и слабовидни лица, како и лицата со дисклексија.

    Во веб библиотеката Самоглас,  секоја среда излегува нова книга, а во моментот се достапни книгите „Малиот Принц“, „Ромео и Јулија“, „Животинска фарма“, „Дневникот на Ана Франк“, „Временска машина" од издавачката куќа Херои и „Dum spiro, spero“ на Владимир Мартиновски.

    Ангела со нескриена радоста раскажува како со група на млади актери- ентузијасти упеале да реализираат една убава идеја, која сѐ повеќе е прифатена од граѓаните.

    - Со Христијан Поп-Симонов и Васко Костовски често зборувавме за тоа како постои недостаток од аудио книги, па како дипломирани актери сфативме дека ние сме тие кои можат да ги читаат. Многу бргу потоа сфативме дека нема платформа на која би ги поставиле, па влеговме во скоро двегодишен процес на креирање на истата. Многу битно надополнување беа Дамјан Шишковски - кој го изработи логото на Самоглас, Мартин Тасевски - кој ја изработи samoglas.mk и Кристина Костова - која помогна со дизајнот на истата. Сега, претставувањето на Самоглас какво што го гледате немаше да биде возможно без Петар Антевски. Не очекував дека Самоглас, ќе одекне вака, ама премногу ми е мило после толку многу време и труд,- вели Ангела.

    Таа додава дека името на веб библиотеката било нејзина идеја, бидејќи самогласката е јадрото на зборот.

    - Христијан би кажал дека јас сум кумата. Самоглас, дојде од „самогласка“ како збор и играта во однос на тоа дека овие содржини се претставени „само со глас“. Идејата е дека самогласката е јадрото на зборот, истото како што замислуваме дека Самоглас, ќе прерасне во јадро на дигитализираниот македонски говор.

    Потешкиот дел од процесот на создавање на оваа библиотека била финансиската поддршка, но нивниот порив да направат нешто убаво бил преголем за да се откажат од замисленото.

    - Финансиска поддршка добивме од Министерството за култура, таа беше доволна за да покрие помалку од 20 проценти од потребниот процент од буџет за изработка на Самоглас. Тој пат беше полесен, сите патишта понатаму се искомплицираа. Потенцијалот на „Самоглас го препозна и Локомотива, која ни овозможи простор за презентирање и тестирање на прототипот. Меѓутоа, квалитетот на аудио материјалите или во превод нашите гласови, е нешто што знаевме дека го имаме како адут од сам почеток, како дипломирани актери. Знаевме дека за тоа не требаат пари и нема да се потроши,- вели Стојановска.

    Но и покрај потешкотиите, актерката вели дека кога од ова перспектива ќе ја погледне библиотеката која функционира, дека се чувствува како да си го има пронајдено своето место под небото.

    - Се чувствувам како да лебдам. Не можам ни да ви опишам! Јас лично, ама и општо, моите колеги актери често си го бараме местото во нашата сфера, не сме до крај задоволни никаде. Јас со Самоглас си го најдов местото кое ме прави среќна и исполнета,- ни раскажува Ангела.

    Во моментот, тимот на Самоглас, работи на збогатување на фондот на книгите во библиотеката, остварување на соработки со издавачки куќи, како и на создавање на мобилна апликација, која треба да биде завршена до крајот на годината.

    - Среда е среќен ден и сакаме секоја идна среда да биде среќна за нашите слушатели. Првите книги ги одбравме поради тоа што се подеднакво интересни за читање и слушање. Првично се наменети за деца и млади, што беше и нашата примарна категорија на содржини, - завршува Ангела.