Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Досега никој од локалната или централната власт не поднел официјално барање до Министерството за образование за отварање на дисперзирани студии во Куманово.
Куманово е еден од ретките градови што нема дисперзирани студии на македонски јазик на државните универзитети. Најголемата Општината во државата никако да дојде на ред од многуте гратчиња со по десетина илјади жители и да стане студенски центар. Засега привилегија да студираат во својот град имаат само студентите Албанци на дисперзираните студии на Тетовскиот универзитет на студиите за јавна и бизнис администрација. Посетата на заменик-министерката за образование на касарната „Кристијан Карпош„, kumanovonеws ја искористи да праша зошто градот се прескокнува во отварањето на високошколска установа.
Владата одлучува за потребата од отварање на дисперзирани студии на некој факултет или универзитет.Ние како Министерство за образование не сме против тоа, бидејќи се отворија дисперзирани студии во повеќето градови. Ако тоа е приоритетно барање од страна на граѓаните на Куманово, ние како министерство имаме воља тоа да го предложиме во Владата и заедно со нив да одлучиме, кои факултети или студиска група да биде сместена во Куманово-вели заменичката-министерка Линдита Ќазими.
Министерката посочува дека досега никој од локалната или централната власт не поднел официјално барање за отварање на дисперзирани студии,но вети дека таа ќе лобира од идната година да се отвори некоја од атрактивните насоки на македонски јазик во Куманово.
Барање може да достави локалната самоуправа и пратениците. Високото образование е еден од приоритетните проекти на Владата и мислам дека ќе добиете позитивно мислење. Јас лично земам обврска да разговарам со министерот, да стапиме во контакт со локалната власт и пратениците, да го разгледаме прашањето - изјави Ќазими.
Граѓаните сметаат дека близината со Скопје е уште еден хендикеп за Куманово, заради кој не се вложува во развојот на високото образование. Им забележуваат и на народните избраници дека заборавиле зошто го добиле мандатот.
Граѓаните трпат поради ривалството на центалната и локалната власт. Нашите пратеници и советници треба да се угледаат на нивните колеги Албанци како се борат за интересите на своите граѓани. Треба да се отворат дисперзирани студии во градот, поради луѓето кои немаат можност да го финасираат студирањето на своите деца надвор од градот. Многумина би го продолжиле образованието кога би имале таква можност - вели Наташа Спасовска, која школува два студенти во Скопје.