Мени

МВР доби 120 нови полициски возила опремени со најсовремени системи

27.12.2025 09:34 | KumanovoNews

МВР доби нови 120 полициски возила опремени со најсовремени тетра системи, за потребите на униформираната полиција.

 

МВР доби 120 нови полициски возила опремени со најсовремени системи

Новите возила ќе бидат распределени во полициските организациски единици низ државата и ќе придонесат за поефикасно извршување на секојдневните полициски задачи, побрза интервенција на терен и зголемено присуство на полицијата таму каде што граѓаните имаат најголема потреба од безбедност.

Министерот Панче Тошковски истакна дека ваква набавка за полициски возила е прва после 15 години, се работи за модерни и моќни возила со кои полициските службеници многу поефикасно ќе ги извршуваат своите работни задачи.

„Возилата во рамки на својата техничка опрема ги имаат сите современи технолошки карактеристики да одговорат на сите предизвици како и секојa друга полиција во светот. Во сите возила ќе бидат инсталирани оние најсовремени „тетра“ системи со потребни информации за полициските службеници на лице место ги извршат сите оние потребни проверки на евиденција, сите оние анализи на податоци  коишто ги имаме во министерството, анализи на прекршочни евиденции и сето останато кое што е потребно за истите бидат ефикасни во рамки на своето работење и, конечно, одговорат на сите оние предизвици со опрема, информација и технологија, каква што има секој една друга европска држава“, изјави министерот Тошковски.

Вредноста на набавката е 202.600.000 денари со заштедени над 30 милиони денари кои ќе бидат искористени во набавка на друга опрема за полициските службеници и информираше дека возилата имаат обезбедена гаранција од пет години редовен сервис што дополнително ги намалува трошоците за нивното одржување. 

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека набавката на новите возила е дел од поширок процес на модернизација на полицијата, кој опфаќа и обновување на опремата, дигитализација на процесите, унапредување на обуките и системски реформи со цел создавање професионална, ефикасна и современа полициска служба.