Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пет вработени по договор на дело во Центарот за социјални работи во Куманово, обвинуваат дека се истерани од работа за да на нивно место се примат млади партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
На неодамнешниот конкурс од Министерството за труд и социјална политика, наместо да ги добијат ветените решенија што со години ги чекале, тие останале на улица, а се вработиле ќерки, сестри, братучетки и соседки на високи функционери од општинскиот комитет.
Тројца од вработените во 2008 година беа кандидати за советници, и блиски роднини на бившите претседатели, сестра, комшивка, братучетки... Списокот го донесе претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се затворија со директорката во канцеларија и откако тој си отиде, таа соопшти кој останува на работа- вели Наташа Поповска, една од отпуштените.
Поранешните вработени се посомневале дека ќе има партиски игри во Конкурсот кога виделе дека во него не е наведено работното искуство за кандидатите. Со тоа си создале законска можност да си доведат луѓе од страна, кои немаат работно искуство или само што дипломирале, наместо да се почитува правилото кандидатот да е оспособен за работата што го чека. Петте поранешни вработени имаат работно искуство од 6 до 14 години.
Покрај тоа што се тврдеше дека конкурсите се распишуваат за оние кои веќе работата, ние 5 колешки бевме исфрлени без образложение.На конкурсот не беше решавано во центарот или министерството, туку беше донесен список од партијата.На мое место е вработена сестра на бившиот претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ - вели Воислава Вељковиќ, која 14 години чека решение.
Жените во изминатите години најсовесно си ја вршеле работа и подигнале некои одделенија, кои предходно ги немало. Тврдат дека биле и чистачки, молери, медицински сестри, учителки и се друго што им налагала работата. Работеле волонтерски и за ситни пари само за да го задржат работното место. Тие кажуваат дека сегашните, новопримени, работеле истовремено и на други места, а некои сеуште не се појавиле на работа, затоа што таа не им се допаѓала.
Ќерката на поранешната директорка работи во хуманитарно здружение во Скопје од 2003 година.Кога го потпишала решението за неопределено време, истовремено работела и таму, и сеуште се нема појавено на работа.Една медицинска сетра исто така кога видела дека ќе работи со хендикепирани лица си заминала - вели Поповска.
Оштетените и сами се членки на ВМРО-ДПМНЕ, а тврдат дека пристапиле во 2008 година кога во Центарот за социјални работи дошла тогашната директорка.Таа ги натерала сите вработени да се зачленат во партијата, ако сакаат да останат на работа. Биле присилувани да одат по партиските штабови и митинзи со единствено ветување дека ќе ја добијат решенија на работните места. Откако ги искористиле, повеќе не ги признаваат за нивни членови.
Претседателот на Општинскиот комитет Јордан Пачков, ги отфрла обвинувањата и вели дека тие во партијата не правеле списоци за вработување во Центраот за социјални работи. Наводно за проблемот слушнал од медиумите, но вети дека ќе го употреби својот авторитет и ќе разговара со своите сопартијци во врска со посочениот непотизам при вработувањето.
Ова е демократска држава и може да се вработи секој. Јас немам удел во вработувањата во Центарот за социјални работи, но ќе ги разгледам посочените работи. Неможам да се мешам во некои работи што не се во мој домен.Секој има право да бара начини како ќе се вработи. Само ќе ви кажам дека јас немам никаков удел во тоа и ќе си ги прашате тие кои ги вработувале или што се сметаат поголеми за таквата работа- рече Пачков.
Оштетените вработени најавија дека првдата ќе ја бараат на Суд.