Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово поднесе барање до СВР Куманово да се пронајде и да се казни сопственикот на расното кучето кое вчера нападна и изгриза осум лица во центарот на Куманово.
Целта на иницијативата е надлежните од МВР и Јавното обвинителство што побрзо да реагираат и да се преземат законските мерки за да се санкционира несовесниот граѓанин, што понатаму ќе биде поука и за другите сопственици кои имаат миленичиња, а не се грижат за нив.
„Се потврди дека кучето е средно азијатски овчар и имало сопственик, кое побегнало или е напуштено. Затоа бараме да се започне постапка за утврдување на идентитетот на сопственикот, со што би спречиле слични инциденти. Нашето барање го темелиме на констатацијата дека во соработка со сите здруженија на заштита на бездомни животни и со комуналните инспектори е утврдено дека во изминатите два месеци нема регистриран случај или пријава за ваков вид на куче. Исто така, барањето го поткрепуваме и со тоа што на кучето му се исечени ушите и опашката, со што се докажува дека имало сопственик“, кажа раководителот на Секторот за инспекциски надзор Бобан Бојковски, на денешната седница на Совет, информирајќи ја јавноста за вчерашниот настан.
Од нападот на агресивното куче повредени се четири малолени лица и четворица возрасни граѓани, кои побарале помош во Ургентен центар Куманово. Видно преплашени и истраумизирани тие раскажаа за Кумановоњуз што им се случило.
„Стоев пред пекарата да си купам појадок кога кучето дотрча и ме касна за бутината. Не го видов и не очекував. Јас сум најмногу повреден, другите успеаја да избегаат и имаат помали повреди. Кучето дојде од зад грб, не беше провоцирано за да не нападне“, изјави ученик од шесто одделение.
Неговиот постар другар, ученик во девето одделение го видел кучето навреме и побегнал, но и него го поткачило со забите во пределот на слабината.
„Тоа беше едно големо, бело куче кое имаше каивче. Или избегало од дома или неодамна е пуштено на улица. Малку ме касна, но јас почнав да трчам и успеав да избегам“, раскажува момчето.
Очевидците тврдат дека настанот се случил многу брзо и траел кратко. Пред училиштето имало и полицајци, но од најголема помош биле вработените од ЈП „Чистота и зеленило“, кои ја метеле улицата и многу бргу реагирале и успеале да го избркаат кучето и да спречат поголема беља.
По дојава од граѓаните, екипа од Ветеринарно - сточарски центар „Тодор Велков“ по налог на Инспекциските служби на Општина Куманово и во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство вчера околу пладне го заловиле кучето, за кое велат дека не е улично, но тврдат дека немало каивче и не е регистрирано во системот за миленичиња.
„Се работи за големо расно куче од расата азијат тешко 72 килограми, со пресечени уши и опашка. Станува збор за чувано куче, кое можеби е подготвувано за борби, а му побегнало на сопственикот или е напуштено“, велат инспекторите.
Советниците на денешната седница побараа Општината да најде решение за проблемот со кучињата скитници, како и да одвои повеќе средства за нивно заловување.
Куманово врие од улични кучиња, и речиси секојдневно има по некој нападнат, поради тоа граѓаните бараат од надлежните да ги тргнат од улица за да можат безбедно да се движат.