Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На иницијатива на Здружение на армиски и полициски ветерани од Куманово, за првпат досега направен е документарен филм за народниот херој Христијан Тодоровски Карпош.
Филмот премиерно беше прикажан на свечената академија по повод 70 години од загинувањето на херојот. Филмот трае 37 минути и е снимен во козјачкиот крај каде војувал херојот, во Врање, Прешево и Бујановац во соседна Србија. За ликот и делото на Карпош во филмот говорат борците кои лично се познавале со него.
Ќе го понудиме филмот и ќе се прикажува на заинтересираните телевизии. Ќе биде пуштен евентуално и во слободна продажба на цд. Барем според реакциите на денот на прикажувањето во МКЦ “Козјак“, во преполната сала на свечената академија филмот беше топло примен. Имаше комплименти за трочлената екипа кој го направи филмот благодарение и на прекрасната нарација на актерот Митко Апостоловски. Сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во овој проект - вели новинарот Столе Божиновски, кој го напиша сценариото за филмот.
Овој документарен филм ќе остане како сведоштво за идните генерации за тоа кој бил Христијан Тодоровски Карпош.
Покрај Божиновски на филмот работеле Лазо Ѓорѓевиќ и снимателот Марјан Јакимовски.
Филмот е поддржан од локалната самоуправа, а во иднина се планира да се направат документарци за сите 7 народни херои од Куманово.