Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со измените на Законот за заштита на потрошувачите, кои беа усвоени денеска во Собранието, маркетите во иднина ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите.
Со новиот закон, сите големи, средни и мали трговци што вршат малопродажба ќе имаат законска обврска да ги објавуваат цените на своите производи на интернет. Оваа обврска ќе се применува секојдневно, со ажурирање на тековните продажни цени.
„Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари бидејќи не е нормално да имаме цени во маркети кои се највисоки на балканско ниво, цени повисоки отколку што имаат членки на ЕУ, не е нормално“, кажа Бојан Стојановски, еден од подносителите.
Законот беше поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека очекуваат поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкурентност и намалување на цените.
Со овие законски измени се дава овластување на инспекторите да извршат проверки доколку видат неусогласеност на цените.
Овој модел се применува во Израел, Италија, Франција и Хрватска, каде што довел до намалување на цените.