Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Светислав Пешевски (53) од Куманово денеска изгоре во голем пожар што ја зафати неговата куќа на улицата „Пионерска„ до Старата црква во Куманово.
Пожарникарите го пронајдоа јагленисаното тело во една од собите до прозорецот, паднато покрај креветот. Екипи на СВР Куманово и истражен судија ќе ги утврдат причините и околностите под кои човекот изгорел. Соседите кажуваат дека Светислав живеел сам, а во куќата се собирале жени со сомнителен морал и уживатели на дрога.
Не се знае дали бил само во куќата кога избил пожарот, затоа што кај него постојано преспиваа некои девојки. Тоа беше јавна куќа, ама никој ништо не преземаше иако сто пати сме пријавиле во полиција. Човекот си беше алкохоличар, и кога ќе се напише незнаеше што прави. Знаеше да запали огин на сред соба за да се грее. Кога ќе видевме дека чади од куќата, трчавме кај него да гаснеме огнот. Досега двапати маж ми сперчи да не се запали- кажува една соседка.
Тие и утринава околу 11 часот го забележале пожарот, но било предоцна сами да го изгаснат. Веднаш повикале пожарна, која веднаш дошла, и по два часа успеаа да го локализираат пожарот. Огнената стихија целосно го уништи кровот, собите и сиот мебел, а зафати дел од уште две лепени куќи. Што го предизвилало пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени.
Кај опожарената куќа дојде и мајката на Пешевски, која се распрашуваше каде е тој, а откако не дозна ништо болната старица си замина, велејќи дека син и сигурно некаде заскитал и незнаејќи дека куќата му гори.
Додека траеше гаснењето на пожарот, два часа на местото на настанот не се појави полицијата за да го регулира сообраќајот и да го обезбеди местото. Тоа претставуваше дополнителен проблем на пожарникарите, кои се бореа со огнената стихија, а мораа да се справуваат и со љубопитните граѓани и несовесни возачи.