×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Втор ден гори депонијата Краста, продолжи и протестот на жителите од Пчиња

    19.06.2024 14:38 | Сузана Николиќ

    Депонијата Краста на која се изнесува сметот од Куманово и госи. Густиот чад и непријатната миризба најмногу се чувствуваат во котлината на селата Пчиња, Студена Бара и Вак’в, но и на периферијата на градот.

    Втор ден гори депонијата Краста, продолжи и протестот на жителите од Пчиња

    Жителите на трите села и денеска се на протест и не дозволуваат камионите на претпријатието да го истураат сметот во депонијата. Тврдат дека надлежните го игнорираат нивното барање за средба, па наместо да излезат на терен, ги пријавиле во полиција и им се закануваат со тужби.

    „Ние не сме криминалци, ниту насилници да не пријавуваат во МВР и ОЈО, туку граѓани кои прават блокада затоа што немаат друг начин да се изборат за своите основни човекови права, чист воздух и вода. Од вчера живееме како заложници на неспособните институции и системот, затворени во своите домови. Не смееме прозор да отвориме, ни клима да вклучиме, ниту да излеземе во дворовите и да ги пуштиме децата надвор. Катастрофа невидена. Ќе се задушиме од густиот дим. Сѐ е покриено со пепел и прав што ги носи ветерот. Прашуваме јавно дали нашите деца ги заслужуваат истите правата како нивните деца или ние сме граѓани од втор ред и не смееме да се побуниме против неспособноста на општината“, прашува револтирано Александар Илиевски, претседател на месната заедница Пчиња.

    Мештаните се посебно лути што директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Ненад Стојановски и градоначалникот Максим Димитриевски, ниту некој од советниците, кои не сакаат да се сретнат со нив.

    „Два дена никој не сака да дојде да разговара со нас. Ние како да сме некое племе со кое им е под чест да се сретнат. Кога бараа гласови, дојдоа кај нас. Бараме само да разговараме и да се договориме како да се реши проблемот“, додава Илиевски.

    Директорот на „Чистота и зеленило“ Ненад Стојановски вели дека доколку жителите сакале да се најде решение за проблемот, требало да отидат во претпријатието, а не без најава да организираат блокада на нивната работа. Тој вели дека е расположен за разговор, но се сомнева дека протестот има политичка позадина, а случајот го пријавил во МВР за да им се овозможи пристап до депонијата.

    „Ние успешно се справуваме со гаснењето на депонијата со затрупување со земја, но тоа е процес за кој требаат неколку дена. Во тоа ни помагаат неколку приватни субјекти. Во меѓувреме ни се појави нов проблем, а тоа е изнесувањето на сметот. Веќе 48 часа не можеме да ја вршиме нашата основна дејност, не го собираме сметот во градот, бидејќи камионите ни се полни и стојат поради блокадата. Поднесени се две пријави во МВР, но уште нема разрешница“, вели Стојановски.

    Тој ги отфрла тврдењата на жителите дека сами организирале приватна фирма да ја затрупува депонијата и вели дека тоа го работи претпријатието. Стојановски повтори дека пожарот е подметнат на една од околните ниви и ја зафатил депонијата, а не обратно. Жителите, пак, велат дека нема да го запрат протестот додека не добијат ветување дека ќе се дислоцира депонијата.

    Вчера на терен излегоа инспектори од Секторот за животна средина на Општина Куманово, кои констатирале дека има горење на депонијата и му наложиле на „Чистота и зеленило“ во рок од седум дена да преземе мерки да се спречи натамошно ширење на пожарот.