×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ЗАЉУБЕНОСТ – ПОСЕБНА СОСТОЈБА НА УМОТ

    30.09.2023 07:17 | KumanovoNews

    Ромео и Јулија, Орфеј и Еуридика, Тристан и Изолда, Ана и Вронски, Џејн и Рочестер, Елизабет и Дарси и уште многу приказни за романтична и страстна љубов. 

    ЗАЉУБЕНОСТ – ПОСЕБНА СОСТОЈБА НА УМОТ

    Но, се чини дека овие приказни постојат многу поодамна, уште од кога постои човекот и за нив читаме во космолошките митови низ светот. Сепак првите записи датираат од 4000 г.п.н.е во Вавилон, исклесани на камени плочи и говорат за страста на Инани, кралицата на Сумер, кон пастирот Дамузиј: „мој љубен, слатко за моите очи“.
    Нешто подоцна во индиските Веди кои датираат од 1000 г.п.н.е, читаме за страсна љубов на богот Шива и Сати во кои е запишан еден сон на Шива: „ се гледа себе и Сати на врв на планина, испреплетени во љубовен занос“. 
    Идејата за романтичната и страстна љубов е вткаена во нашите мозоци. За промените во мозокот кога сме заљубени постојат и невронаучни истражувања кои потврдуваат дека заљубеноста го менува мозокот. 
    Едно такво истражување е започнато во 1996 година од Хелен Фишер – антрополог, Луси Браун – невронаучник, Арт Арон професор по психологија и Деб Машек – психолог и траело неколку години, во кое што се следени промените во мозокот во фаза на заљубеност, но и самата промена на фазата заљубеност. 
    Имено, се утврдило дека љубовта се менува, но првото прашање било: што се случува во нашиот мозок кога сме заљубени? 

    Експериментот потврдил две промени и тоа: промена во опашкасто јадро (nucleus caudate), дел од тн примитивен (рептилски) мозок, одговорен за движење на телото и дел од мозочната мрежа за наградување, директно поврзан со мотивацијата. Во овој дел од мозокот се наоѓа мрежа неврони која служи за одржување на будноста, задоволство и мотивација, како и очекување за награда. 
    Станува јасно зошто кога сме заљубени не можеме да спиеме и „пукаме“ од енергија, нели?

    Втората промена е поврзана со допаминот и норепинефринот, на начин што е забележана зголемена активност на вентралната тегментална област (VTA) која ги произведува хормоните одговорни за фокусирано внимание, зголемена енергија, мотивација, чувство на возбуденост, па дури и манија. 

    Испирирани, мотивирани, фокусирани и усмерени, енергични, будни и возбудени, заљубените се предаваат на огромната потреба за страста, ја пишуваат најромантичната поезија, патуваат од еден на друг крај, изневеруваат, војуваат и умираат за љубовта.
    Се чини, заљубеноста нема многу врска со разумот и рационалноста и резултатите од едно друго истражување која го спровела гореспоменатата Хелен Фишер и во кое што учествувале 437 Американци и 402 Јапонци ја потврдуваат оваа теза. Но, она што е интересно е дека испитаниците без разлика на возраст, пол, нација, религија и сексуална ориентација одговориле идентично на 82% од прашањата поврзани со заљубеноста. Ова истражување дава убави одговори на прашањето 

    ШТО СЕ СЛУЧУВА КОГА СМЕ ЗАЉУБЕНИ?


    ПОСЕБНО ЗНАЧАЊЕ
    Една од првите најзначајни работи кои се случуваат кога сме заљубени е тоа што нашиот љубовен објект добива посебно значење. Личноста во која сме заљубени е посебна, единствена, најважна, најубава, најзабавна, најинтересна. Одеднаш станува центар на нашето секојдневие, целиот наши живот го организираме околу неа, како што вели Емили Дикинсон, „љубениот станува наше царство.“
     И, она што е интересно е дека ова чувство е резервирано само за една личност, не сме во состојба да ги имаме истите чувства за повеќе личности истовремено.

    ФОКУСИРАНО ВНИМАНИЕ
    Заљубената личност целото свое внимание го усмерува на љубената/љубениот, често пати на сметка на работата, семејството или пријателите. Шпанскиот филозоф Ортега вели: „ненормална состојба на внимание, која се случува на нормален човек“.

    ПРЕУВЕЛИЧУВАЊЕ НА САКАНАТА ЛИЧНОСТ
    Заљубените ги преувеличуваат и најмалите, најситните аспекти кај саканата личност, таа нема недостатоци, а дури и ако има, не пречат, напротив се идеализираат. Тие се само дел од нејзиниот шарм или посебност. Саканата личност е идеал, а психолозите велат остварување на нашата претстава за сопствениот идеал. Вирџинија Вулф вели: „Ама, љубов... тоа е само илузија. Приказна која некој за јамислува за другиот. А, цело време знае дека тоа не е вистина. Секако дека знае, затоа се труди таа илузија со ништо да не ја наруши“.
    Вистина е, љубовта е слепа, а човекот не е совршен.

    НАМЕТЛИВИ (ОПСЕСИВНИ) МИСЛИ
    Сите ние, барем еднаш во животот сме изговориле „само на неа/него мислам“, „не можам да мислам на ништо друго“, „едноставно не можам да го/ја исфрлам од главата“. Во споменатото истражување 79% од машките и 78% од женските испитаници одговориле потврдно на тврдењето дека без оглед каде и да се наоѓаат и што да прават, во мислите постојано се враќаат на својот/та сакан/а.

    ЕМОТИВЕН ВРТЛОГ
    Каков вртлог од емоции и какви промени во однесувањаето кога сме заљубени! 
    Некои од нас пребледуваат или поцрвенуваат во присуство на саканата личност. Некои се сопнуваат или стануваат трапави, други пелтечат, а некои пак брзо зборуваат. Се случува срцето да сака да ни излета од градите или да чувствуваме пеперутки во стомакот. Некои велат дека губат здив, а други дека душата им гори. Губиме апетит, се тресеме, чувствуваме вртоглавица. 
    Пабло Неруда пишува: „оној кој ја избегнува страста умира полека. И, неговиот виор од емоции.“

    ИНТЕНЗИВНА ЕНЕРГИЈА
    Енергијата ги остава будни цела ноќ оние кои се заљубени. Одеднаш можат се да направат, па дури и она што до вчера било невозможно. Можат да пишуваат поезија, да пеат серенади, да прелетуваат океани и препливуваат реки само да се сретнат со својот/а љубен/а.  Капеланус кој пишувал за трубадурите (љубовниците) во дванаесетиот век  вели: „секој љубовник (трубадур) пребледува во присуство на својата драга“, „ човекот чиј ум е замутен од љубовни мисли, јаде и спие многу малку“ или „ ако неочекувано ја сретне својата љубена, срцето на љубовникот почнува брзо да чука“.

    ПРОМЕНИ ВО РАСПОЛОЖЕНИЕТО
    Во состојба на заљубеност чувствата се движат горе – долу, од восхит и занесеност до силна анксиозност, очај, па дури и бес. Швајцарскиот писател Анри Амијел вели дека колку што човекот повеќе љуби, толку повеќе пати. Во Јужна Индија постои збор за ова состојба mayakkam и значи вртоглавица, заблуда, затруеност.

    ПРОМЕНИ ВО ПРИОРИТЕТИ
    Заљубените ги преуредуваат своите животи за да се прилагодат едни на други. Одеднаш се појавуваат нови интереси: танц, музика, театар, концерт, спорт, се менува стилот на облекување, се прифаќаат ставовите и убедувањата на другиот без дискусија.
    Дали заљубеноста влијае на способноста за критичко размислување? 
    Да, сигурно.

    ЕМОТИВНА ЗАВИСНОСТ
    Кога сме заљубени, стануваме исклучително зависни од нашите сакани, анксиозни сме кога сме разделени. Кога би можеле секој миг би го поминувале заедно. Кога сме сами, стануваме осамени. Веќе не можеме без неа/него.

    ЕМПАТИЈА
    Љубовниците чувствуваат целосна меѓусебна емпатија. Во истражувањето 64% од испитаниците се сложиле со изјавата: „се чувствувам среќно кога тој/таа е среќен/среќна и тажно кога тој/таа е тажен/на. Емпатијата води до таму што заради љубовта спремни сме да се жртвуваме себе си.
    Ана се жртвуваше заради Вронски, Јулија заради Ромео, Орфеј заради Еуридика, Психа заради Ерос, а секако и Адам заради Ева кога посегнува по забранетото овошје, иако знае дека ќе биде протеран од рајот, сепак одлучува да ја следи Ева во смрт.
    Заљубеноста е толку силна што се губиме себе си.

    НЕСРЕЌНИТЕ ОКОЛНОСТИ САМО ЈА ВОЗДИГНУВААТ СТРАСТА
    Познат е стихот „сите вистински љубови се тажни“. Препреките помеѓу заљубените само ги појачуваат емоциите и заљубеноста расте. Уште се вели: „забранетото овошје е послатко“, а колку нештата кои ги разделуваат заљубените се поголеми, толку спремноста да се борат за љубовта е поголема. Би можеле да кажеме дека „љубовта е за храбрите“, за оние кои ќе превземат поголем ризик совладувајќи ги препреките.

    НАДЕЖ
    Надежта умира последна, а се чини во заљубеноста, никогаш не умира. Се надеваме и тогаш кога животот ни порачува нешто друго и после многу години од крајот на некоја врска и после многу обиди за спас или оживување на прекинатата врска.
    Рупи Каур пишува: „ ти си тенката линија помеѓу вербата и слепото чекање“.

    СЕКСУАЛНА ПОВРЗАНОСТ И ЕКСКЛУЗИВИТЕТ
    Апулеј пишува: „порадо ќе умрам сто пати, отколку да останам без тебе, слатка моја љубов. Те љубам. Те љубам безнадежно. Те сакам како што ја сакам сопствената душа“, му вели Психе на Ерос. 
    73% од машките испитаници и 65% од женските потврдуваат дека секојдневно водат љубов со своите љубовници, во секојдневните фантазии.
    Љубовниците се посесивни, не сакаат да го делат креветот со трета личност, а тоа е потврдено во истражувањето во кое 80% од мажите и 88% од жените велат дека „верноста е најважна кога сме заљубени“.
    Но, оваа посесивност може да одведе во уште една карактеристика на романтичната љубов, а тоа е:

    ЉУБОМОРА
    Во дванаeсетиот век Капелан пишува: „ оној која не чувствува љубомора, не е способен да сака“, а кинеска мудрост од пред 3500 години вели: „тесна врска е возможна само помеѓу двајца, група од тројца раѓа љубомора“.
    Но, да не заборавиме дека Шекспир љубомората ја нарекува „зеленооко чудовиште“.

    ЕМОТИВНА ПОВРЗАНОСТ НАД СЕКСУАЛНА ПОВРЗАНОСТ
    75% од мажите и 83% од жените се сложиле со изјавата: „сознанието дека тој/таа е заљубен/а во мене, ми е многу поважно од тоа да имаме секс“.

    НЕКОНТРОЛИРАНА ЉУБОВ
    Беспомошни сме пред тоа чувство  кое се јавува непланирано, надвор од нашата воља и често пати неконтролирано. 70% од испитаниците се сложуваат дека заљубеноста не е избор, едноставно се случува. 
    Велиме: „на срцето не може да му се нареди“, „ова чувство е посилно од мене“ или „Амор завладеа со мојата душа, таа му се препушти, а тој завладеа со неа“, пишува Данте за својата Беатриче.

    Се чини дека заљубеноста е една комплексна состојба, надвор од разумот, пламен кој гори и ни носи светло и мрак во исто време. Кога сме заљубени како да не сме свои, летаме, паѓаме, пак летаме, а понекогаш се струполуваме.
    Но, ова чувство им е познато на сите, сигурна сум дека не постои човек кој не го доживеал ова универзално чувство, старо колку и човекот, дел од нашата природа.
    За среќа или несреќа, невронаучниците потврдуваат дека оваа состојба е минлива и дека романтичната љубов трае од дванаесет до осумнаесет месеци. 

    А, што се случува после?
    Настапува приврзаност. Се раѓа љубовта.
    А, човек без љубов
     е човек без свој лик, 
    без своја трага, 
    без свое име, 
    без свое време, 
    без своја содржина, вели Петре М.Андреевски.


    Драгица Стаменковиќ
    Лиценциран психолог
    Семеен и системски психотерапевт под супервизија
    ICI Coach
    NLP Practitioner