Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Фолк-пејачот Гоце Арнаудов докажа дека е вистински професионалец и на силен дожд во петокот навечер пееше на Градскиот плоштад во Куманово.
На концертот по повод Денот на занаетчиите Гоце целосно накисна, а со едната рака мораше дури и да го држува рефлекторот за да не падне врз него од силниот ветер. Бидејќи невремето не престануваше и на отворената бина почна да снемува струја, концертот беше прекинат и Гоце наместо 80 минути, одпеја половина од предвиденото. Од другите учесници Милица Кузмановска воопшто не настапи, а дувачкиот оркестар на Дурмишеви и солистот Филип Стојановиќ се појавија само на неколку нумери како придружба на Гоце.
Другари не оди веќе вака, мора да прекинеме, Господ е посилен од нас. Ќе се видиме во некоја друга прилика и ќе продолжиме таму каде вечерва застанавме - рече Гоце и нерадо ја напушти бината.
Притоа бурно беше поздравен од публиката, а луѓе му приоѓаа да му честитаат за упорност и професионалноста.
Вечерва времето ја расипа журката но сепак се потрудив да не ја разочарам публиката која дојде да прослави. Успејав да отпејам само дел од мојот репертоар.Не верувам дека некој друг пејач ова би го направил за било какви пари, но јас кога ја видов публиката дека стои и кисне на дождот,си реков зошто јас да не накиснам - изјави Гоце по концертот.
Малубројната публика, главно чевларите на дождот му се спротивставуваа со оро, а дел се засолнија под тремот на Стоковната куќа. Концертот по повод Свети Спиридон заврши неславно, а за првпат го организираше локалната самоуправа и требаше да трае три часа како подарок за вработените во чевларската индустрија.